Хељдата станува сè позначајно, побарано и пораспространето растение. Спаѓа во групата на житарки и е едногодишна култура. Успева на повисоки надморски височини и главно се сее во ридско-планински предели, на над 400 метри надморска височина.
Се зголемува бројот на производители кои се заинтересирани за одгледување и преработка на оваа култура.
Сеидбата на хељда се извршува рачно или машински на меѓуредова оддалеченост од 25 см, на растојание во ред 1,5 см и длабочина 3-4 см. Најчесто се сее со житни сеалки на меѓуредово растојание од 12,5 -15 см.
Количината на семе за сеидба е 50-60 кг/ха ако е машинска сеидбата, а 80 кг/ха ако е рачна сеидбата. Оптималната температура за раст и развој на растенијата е 20-25ºC. Чувствителна е на температура под -2ºC и температура над 30ºC.
Оптималниот рок на сеидба е втората половина на мај на пониски терени, а во јуни на повисоки терени. Должината на вегетацијата е нешто помала од три месеци, а може да успева на разни типови почви. Зрее нееднакво, посебно на пониски терени и жетвата почнува во фаза кога 2/3 од семето е созреано. Делумно ја карактеризира сукцесивно зреење.
Жетвата може да биде двофазна и еднофазна. Просечните приноси на хељда се движат околу 2 т/ха. Минералната исхрана на хељдата зависи од резултатите на агрохемиската анализа на земјиштето, додека потребите на ова растение за фосфор и калиум се слични на останатите житарки, околу 60-80 кг/ха. Препораката за ѓубрење е околу 200 кг/ха NPK ѓубрива во предсеидбена подготовка и околу 200 кг/ха KAN исто така во предсеидбена подготовка на земјиштето.
Не е препорачливо да се претерува со дозата на азот поради и онака сукцесивното созревање и опасноста околу продолжување на вегетацискиот период. Доколку е наменета за органско производство, треба да се применуваат органски ѓубрива и со почетокот на вегетацијата да се обезбеди квалитетно уништување на плевелот по механички пат.
Зрното хељда е многу квалитетно и од него се подготвува леб кој се употребува во исхраната на дијабетичарите. При мелење на зрната од лушпите се добива интегрално брашно со извонреден квалитет и хранлива вредност.
Излупеното зрно хељда има голема хранлива вредност поради што е препорачливо за исхрана на децата. Производите од хељдино брашно имаат големо значење во снижување на холестеролот во крвта и крвниот притисок. Се користи и како медоносно растение бидејќи добро медоноси и има продукција 300 г/ха.
Извор: agroinfonet.com
