Зградата „Урбана шума“, дизајнирана од „Koichi Takada Architects“ и развиена од „Aria Property Group“, добила одобрение за изградба во Јужен Бризбејн, Австралија. Во зградата од 20 ката ќе бидат сместени 194 апартмани, сите украсени со раскошни вертикални градинарски балкони.
Тоа ќе биде зелена оаза за нејзините жители, но и за минувачите. На самото дно на објектот ќе има ботаничка градина, а во зависност од видовите на растенија кои ќе бидат интегрирани во финалниот проект, објектот има способност да зазема неколку форми, што ќе го направи визуелно многу ефективен. Можеби ќе изгледа како бонсаи дрво со своите брановидни балкони, а може да изгледа мистично како обраснатите храмови во џунглите во Камбоџа.
„Со подигање на подиумот, нивото на тлото станува продолжение на околните паркови, враќајќи ѝ на заедницата 1.642 квадратни метри јавен парк“, велат дизајнерите за причината зошто ја подигнале зградата на столбови.
Амбицијата на зградата е да биде најзелената станбена зграда во светот, која се стреми кон 6 ѕвезда „Green star“, според системот за проценка на одржливоста на проекти во сите фази. Други одржливи карактеристики вклучуваат соларни панели за производство на обновлива енергија, градини наводнувани со собрана дождовница и вишок вода, компензација на јаглерод и употреба на висококвалитетни материјали од одржливи извори кои не бараат одржување. Бидејќи се работи за нискоенергетска зграда со висока ефикасност на водата, трошоците за работа се исто така намалени.
Посебно атрактивни се балконите бидејќи секој е дизајниран со различна форма и големина, што уште повеќе ќе дојде до израз кога растенијата на нив ќе бидат во полн цут.
Планот е „живата фасада“ да содржи 550 дрвја и 25.000 растенија избрани од 251 автохтоен вид.
„Еден заклучок од кризата на пандемијата ковид-19 е сознанието дека сите ние сме живи суштества. Тука сме да живееме, а не да ѝ пркосиме на смртта на некој начин. Нашата архитектура би требала да го прави истото“., велат архитекти од Koichi Takada Architects.