Крцкави, ароматични и со убаво избалансиран киселкаст вкус, киселите краставички се неизоставен дел од домашната зимница.
Потребни состојки:
- 5 кг корнишони
- 4,5 л вода
- 150 г сол
- 250 г оцетна есенција
- 1 кесичка винобран
- 1 лажица шеќер
- 10 г црн бибер во зрно
- 3–4 ловорови листови
- 50 г семе од синап
- 1 врзоп миродија/копар
- лук по желба
Подготовка: Корнишоните добро измијте ги под млаз ладна вода. Оставете ги во цедалка околу еден час за да се исцедат. Ставете ги краставичките во голем сад и посипете ги со ситно сечканата миродија/копар и семето од синап. Во посебен сад ставете ги водата, солта, оцетната есенција, винобранот, шеќерот, зрната бибер и ловоровите листови. Загрејте до вриење, тргнете го садот од оган и веднаш прелијте ги краставичките со врелиот раствор. Поклопете го садот, завиткајте го добро со ќебе и оставете го така 24 часа. Потоа наредете ги краставичките исправено во чисти тегли, притискајќи ги добро една до друга. Прелијте ги со растворот во кој стоеле, внимавајќи во секоја тегла да има и од зачините. Краставичките треба да бидат целосно покриени со течноста. Затворете ги теглите со соодветни капачиња и чувајте ги на ладно и темно место.
Совет: Избирајте мали, цврсти и приближно еднакви корнишони за да останат крцкави и рамномерно да се маринираат.
МИА
