Во СОУ „Гоце Делчев“ Валандово земјоделската струка опстојува уште од шеесеттите години на минатиот век, кога всушност училиштето и започнало да работи како земјоделско училиште „Каме Пулизов“. Земјоделско-ветеринарната струка е од големо значење за овој земјоделски крај бидејќи по завршувањето на своето школување многу од учениците својата егзистенција ја побарале токму во оваа дејност.

Денес земјоделско-ветеринарната струка преку своите теоретски и практични активности во училишната економија и резултатите кои ги постигнуваат учениците и наставниците претставуава заштитен знак на училиштето. Застапени се два образовни профили или квалификации и тоа агротехничар и техничар за фитомедицина. Практичната настава учениците ја реализираат во училишната економија и компаниите од општината. Училиштето меѓу другото располага со мини училишна винарија, линија за производство на сок од калинки и пластеник за одгледување на градинарски култури.

Во училишната економија училиштето има површини со лозови насади, житни култури, јапонски јаболки и калинки. Исто така поседува и соодветна земјоделска механизација за обработка на овие површини.
Валандовскиот крај е познат по крај каде што се одгледува калинката па во последно време вниманието на учениците и наставниците по стручните предмети е свртено токму кон ова благородно овошје. Имено училиштето располага со насади со калинки кои всушност ги има и во самиот двор на училиштето.

„Учениците покажуваат интерес и за практичната настава и практичните операции во училишната економија. Нашето училиште преку програмата на МОН за соработка на училиштата и бизнис заедницата доби грант преку кој се финансираше изградба на линија за производство на сок. За таа цел беше формирана и „Еко-фарма“ како училишна компанија. Посебен интерес покажаа учениците за процесот на преработка на калинките на линијата за преработка на калинките и производство на еколошки сок од калинки. Учениците го спроведуваат целокупниот процес за производство на сокот од калинки.“, вели предметниот наставник по практична настава Јован Угарчев.

За ангажманот на учениците во овој процес одговорниот за Еко фармата професорот Златко Јанчев ни кажа нешто повеќе.

„Учениците учествуваат во сите работни операции, од миење на плодовите, чистење, лупење. Понатаму се пресуваат на хидраулична преса и се филтрираат. Исцедениот сок се остава да се стабилизира 24 часа. Избистрениот сок се полни во шишиња и кратко се пастеризира. Учениците ги полнат шишињата, ги затвораат и на крај ставаат етикета. Сокот има сертификат за органско производство.“

Учениците учествуваат и во целокупното производство на вино и други пијалаци во училишната винарија, од обработка на површините со лозов насад, берба на грозје и следење на процесот на преработка на грозјето.

Учениците се присутни на натпреварите на средните земјоделски училишта каде што редовно ги заземаат првите три места во атрактивните категории, вешто возење на трактор, орање, калемење и др. Својата работа ја презентираат и на МАССУМ „Образовното рандеву“ натпревар на средните стручни училишта што е одржува секоја година.






