Што значи кога државата е членка на Европската Унија односно земјоделското производство дел од Заедничката земјоделска политика, најдобро зборува усвоениот буџет од Европската Комисија за трите земји – Хрватска, Словенија и Шведска во висина од фантастични 9 милијарди евра. И тоа – 2,7 милијарди евра наменети за еколошки и климатски цели и 227 милиони евра за млади земјоделци.
За Заедничката земјоделска политика ќе се издвојат вкупно 270 МИЛИЈАРДИ евра за период од 2023 до 2027 година
Клучни цели на Хрватска
„Со цел да се поттикнат младите да се занимаваат со земјоделски активности, ќе бидат обезбедени посебни субвенции за повеќе од 1.000 хрватски земјоделци помлади од 40 години за да им помогнат да основаат земјоделски стопанства и да ги покријат почетните инвестициски трошоци“, наведуваат тие.
Понатаму, со средства од фондовите за рурален развој ќе се поддржи отворањето на 14.000 работни места во руралните средини, како и инвестициите во инфраструктурата, како што се водоводи, локални патишта и градинки. Исто така, хрватскиот план ќе го поддржи и решавањето на проблемот со земјоделските емисии, кои главно произлегуваат од управувањето со почвата и ѓубривото.
Благодарение на средствата од Заедничката земјоделска политика, поддршката за еколошкото земјоделство ќе биде наменета за 17, 14 и 12 отсто од земјоделските површини во Словенија, Шведска и Хрватска.
Стратешки планови на Словенија и Шведска
„Сите три планови имаат силна еколошка димензија“, потенцираат од ЕК. Како што наведуваат, Словенија и Шведска одвоиле речиси 60 отсто од својот буџет за рурален развој за еколошки и климатски цели.
Словенечкиот план, меѓу другото, ќе го поддржи производството на енергија од обновливи извори од земјоделството, што ќе им овозможи на земјоделците да инвестираат во биогас, биометан и геотермални бунари за свои потреби. Шведскиот план става силен акцент на биодиверзитетот и пасиштата, како и зголемувањето на знаењето за одржливото производство.
ЕК потсетува дека новата заедничка земјоделска политика (ЗЗП) треба да започне на 1 јануари 2023 година, а беше дизајнирана за транзиција кон одржлив, издржлив и модерен европски земјоделски сектор.
Финансирањето ќе биде поправедно распределено меѓу земјоделските стопанства, со акцент на малите и средни семејни фарми, како и младите земјоделци.
Покрај тоа, земјоделците ќе бидат поддржани да воведат иновации, од прецизно земјоделство до агроеколошки методи на производство. Со поддршка на конкретни мерки во овие и други области, новата ЗЗП може да биде основа на безбедноста на снабдувањето со храна и земјоделските заедници во Европската унија, заклучува ЕК.
Повеќе информации за Хрватска се достапни во краткиот документ објавен од ЕК, кој можете да го најдете на следниот линк.
