Пред неколку дена Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија го повлече од пазарот „Баланс јогурт“ на српската млекарница „Имлек“, во пакување од 1 килограм, поради, како што се наведува, „испратени количини на производи кои не се наменети за македонскиот пазар и имаат неконзистентна концентрација на афлатоксин според македонските регулативи и претставуваат потенцијален ризик за здравјето на луѓето“.
Дозволеното ниво на афлатоксин во млекото на српскиот пазар од 1 декември годинава требаше да се спушти од 0,25 микрограми на литар, на европската граница од максимални 0,05 микрограми на литар. Ова го предвидува Правилникот за максимални концентрации на одредени контаминенти во храната усвоен минатата година. Но, со штотуку усвоените измени на тој правилник, враќањето на границата на оваа канцерогена супстанција на европското максимално ниво се одложува до 1 декември 2023 година.
Така дозволеното ниво на афлатоксин во млекото на српскиот пазар сè уште останува на 0,25 микрограми на литар, што е пет пати повисоко од европското пропишано максимално ниво за овој микотоксин, кое и Србија го применуваше пред скандалот со афлатоксинот во 2013 година.
Од 2013 година до денес, границите на дозволениот афлатоксин во млекото во Србија неколку пати се менуваат – од 0,05, преку 0,5 до 0,25 микрограми на литар. Последното најавено враќање на европско ниво од максимални 0,05 микрограми беше во декември 2021 година со почеток на примена од 1 декември 2022 година.
Според новите прописи, за сурово млеко, термички преработено млеко и млеко за производство на млечни производи, до 30 ноември 2023 година дозволената граница на афлатоксин е 0,25 микрограми, а од 1 декември 2023 година ќе изнесува 0,050 микрограми на литар.
