Трулеж на плодот (Sclerotinia coryli, Monilia fructigena)
Кај лешникот (Corylus avellana), трулежот на плодот го предизвикуваат габите Sclerotinia coryli и Monilia fructigena. Заболените плодови лесно се препознаваат. Болеста кај плодовите се појавува кога тие се уште многу млади, плодовите потемнуваат, им се прекинува растот и се сушат. Тешко излегуваат од обвивката. До промена на бојата доаѓа на кој било дел од плодот. За сузбивање се користат фунгициди. Многу е важно третирањето со фунгициди да започне навреме и да се направат најмалку три третмани и тоа во фаза на цветање, прецветување и после 10-15 дена уште едно третирање.

Пепелница (Phyllactinia corylea)
Пепелницата е честа и економски значајна болест на лешникот. Симптомите најчесто се забележуваат во летните месеци јули и август. Болеста се јавува на листот кој ја менува бојата. На лицето на листот се појавува брашнесто сиво-бела мицелија која ја претставуваат конидии со конидиофори. Со напредување на болеста заразените листови ја менуваат бојата прво во жолти, а подоцна стануваат кафени и на крај отпаѓаат. Габата формира хифи кои влегуваат во меѓуклеточниот простор на листот и образуваат ендофитна мицелија. Доколку заштитата со соодветни фунгициди не се направи навреме во првите фази од појавата на болеста или пред нејзината појава – превентивно третирање посебно во случаи кога предходната година во насадот била појавена болеста, може да дојде до целосна дефолијација на растението (гранките остануваат голи). Паразитот презимува во отпаднатите листови, се препорачува отпаднатите листови да се собираат и спалуваат. Третирањето обично се прави на средина на мај кога плодот е во пораст. Може да се користат сите фунгициди кои се користат за сузбивање на пепелница кај другите овошни видови и винова лоза.

Бактериска пламеница (Xanthomonas arboricola pv.corylina)
Симптомите се појавуваат на папките, листот, леторастите и стеблото. Првите симптоми се појавуваат на папките кои добиваат кафена боја и не се отвораат. На листовите се појавуваат дамки, некроза и често листовите остануваат залепени за леторастите во текот на зимата. Изумирањето на младите гранчиња и леторасти е главен симптом. Во основата на едногодишните и двегодишните леторасти се појавуваат прстенести дамки кои се шират и доведуваат до сушење и изумирање на заразените леторасти. Слични промени се манифестираат на кората на гранките и стеблото, на гранките кои се инфицирани се формираат рак-рани.
Болеста се пренесува преку заразени садници. Бактеријата од младите и заразени растенија се пренесува на здрави преку капки дожд, ветар, опрема за резидба и поретко преку инсектите.
Растенијата се најосетливи во текот на есента и зимата, кога паките целосно се формирани. Ако инфекцијата е во септември, првите симптоми на зараза се појавуваат во март или април наредна година. Дождливо време и температура околу 20˚С се многу поволни за настанување на инфекцијата. Повеќе се осетливи младите насади, особено оние кои се ослабнати како резултат на слаба исхрана.

Најзначајна мерка е употребата на здрави садници. Но кога веќе болеста се појавила треба да се следат симптомите кои најчесто се појавуваат од почетокот на пролетта и во текот на летото. Болните делови од растението, заразените стебла и младите изданоци кои растат од основата на грмушката мора да се отсранат од насадот и да се уништат.
За хемиска заштита се користат бакарни препарати 3-4 пати во текот на вегетацијата. Со првото третирање во пролет се спречува примарната инфекцијана растението, со второто третирање се заштитува од потенцијална реинфекција предизвикана од различни фактори (повреди итн.), со последното третирање во есен после опаѓањето на листовите се прави заштитен ѕид со цел патогенот да се спречи да навлезе во папките и растителното ткиво.
АПРЗ РЕ Скопје
Дипл.инг.агр. Зорица Јанкуловска Мицковска
