
Веќе пишувавме за дел од штетниците и болестите кај лешникот, за кои можете да прочитате ТУКА, а во продолжение прочитајте за останатите штетници кои ги напаѓаат лешниците.
Предизвикувач на палеж – Hanthomonas campestris corylina
Оваа болест е предизвикана од бактерии и затоа нејзиното сузбивање е отежнато поради што мерките за борба со оваа болест се главно превентивни. Симптомите се јавуваат на врвовите на листот и го зафаќаат просторот меѓу нервите. Заразените лисја по некое време се сушат, на заразените ластари ткивото некротира, кората пука. Дел од ластарот над заболеното место вене, а под дејство на ветер доаѓа до кршење на леторастот. Заболените реси отпаѓаат ако рано се зафатени со болеста.

Ако се заразени младите плодови тие се сушат, се збрчкуваат и опаѓаат.
Мерките за борба главно се превентивни и тоа :
-Одгледување на отпорни сорти
-Употреба на здрав саден материјал
-Отсранување на заболени лисја
Од хемиски препарати се препорачуваат препарати кои содржат бакар.
Бактериски рак – Agrobacterium tumefaciens
Најчесто се јавува на коренот и кореновиот врат во форма на задебелување – тумор. Навлегува во растението преку рани настанати со обработка на земјата, резидба и сл. Туморите се со темна боја и го попречуваат спроведувањето на водата и хранливите материи низ коренот. Болеста се шири со заразена почва и садници па мерките за борба главно се превентивни.

Лешников сурлаш – Balaninus curculio nucum
Овој штетник е најчестата причина за неродноста на лешникот. Штетите ги прават и ларвите и возрасниот инсект. Возрасната единка е со смеѓа боја (како лешникот), прекриена со ситни влакненца и со многу долга, тенка сурла. Се појавува во касна пролет (крај на мај). По појавата дополнително се храни бушејќи ги листовите и младите плодови. Кога плодовите ќе ја достигнат конечната големина, женката ја прегризува обвивката и во направениот отвор положува по едно јајце, после тоа отворот се затвора. Женката положува и до 40 јајца, а испилената ларва се храни со јатката на плодот која ја претвора во ситна маса. До крај на август ларвата се развива и низ направениот отвор го напушта плодот, оди во земја и тука презимува во облик на кукла.
Значајни мерки за сузбивање се собирање на оштетени плодови со ларви и редовна обработка на почвата. Хемиски мерки за сузбивање се преземање мерки во време на дополнителна исхрана на возрасниот инсект со некои од инсектицидите со контактно и дигестивно делување.

Лисни вошки – Myzocallis coryli

Вошките на растенијата нанесуваат директни и индиректни штети.
Директните штети настануваат со исхрана на возрасните инсекти на листот, индиректно со создавање на медена роса и пренесување на болести. Главно се сузбиваат со други инсекти. Доколку се појави појак напад сузбивањето се врши со хемиски препарати –инсектициди.
АПРЗ РЕ Скопје
Дипл.инг.агр. Зорица Јанкуловска Мицковска
Напишете коментар