Советот за земјоделство и рибарство на Европската комисија на 17 јануари 2022 година одржа состанок на кој беа презентирани главните цели и информации, со акцент на француското претседателство со Советот на ЕУ. Се разговараше за земјоделски прашања поврзани со трговијата и состојбата на пазарот, одржливите циклуси на јаглерод и други прашања.
Приоритети на француското претседателство
Жилиен Денорманди, француски министер за земјоделство и храна, ги презентираше приоритетите на претседателството во секторот земјоделство и рибарство. Големо внимание ќе се посвети на реципроцитет на трговските стандарди преку „клаузулата огледало“. Со други зборови, се бара заштита на домашните производители, која подлежи на одредени прописи, а во исто време во ЕУ се увезуваат производи кои не подлежат на такви стандарди. Оттука, беше заклучено дека сите увезени производи мора да се усогласат со правилата што се спроведуваат во ЕУ, особено кога се во прашање еколошките и здравствените стандарди. Акцент е ставен на употребата на производи за заштита на растенијата и заштита на шумите. Исто така, фокусот е и на ниско-јаглеродното земјоделство, особено на секвестацијата на јаглерод во земјоделското земјиште.
„Увозот на производи на пазарот на Европската Унија кои не ги почитуваат стандардите за производство е недоследност од секоја перспектива, било да е тоа економска, еколошка или прехранбена. Најважната задача на француското претседателство е да преземе мерки за да се осигура дека стандардите да бидат реципрочни“, рече Џулиен Денорманди.
Покрај тоа, тој соопшти дека претседателството има за цел да ја подобри работата во следните сектори:
-евалуација на националните стратешки планови, како дел од напорите да се обезбеди транспарентност на реформите на ЗЗП;
-предлог за регулатива за статистика за земјоделските инпути и аутпути;
-ревизија на законодавството на ЕУ за географски ознаки;
-регулатива за производи без уништување на шумите;
-политика на ЕУ за промоција на земјоделството.
Земјоделски прашања поврзани со трговијата
Дискусијата се фокусираше на влијанието на извозот на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ, трговските односи со Велика Британија и најновите случувања во преговорите на Светската трговска организација (СТО) за земјоделството пред 12-та министерска конференција на организацијата.
Полската делегација достави информации за потенцијалните негативни ефекти од ембаргото воведено од Белорусија за голем број земјоделско-прехранбени производи, вклучително и јаболката.
Разменети се мислења и за состојбите на пазарот на земјоделски производи. Иако земјоделско-прехранбениот сектор на ЕУ како целина има добри резултати, земјите-членки истакнаа загриженост, особено за ефектите од неодамнешните зголемувања на трошоците за енергија, влезни средства и добиточна храна.
Чешката делегација информираше за предизвиците со кои се соочува секторот за производство на свинско месо во Европа. Се разговараше за болести како што се африканска свинска чума и птичји грип.
Комисијата ја претстави својата Комуникација за одржливи циклуси на јаглерод, која го отвора патот за идни активности насочени кон поддршка на проактивни мерки преземени од земјоделците за да се олесни неговото отстранување од атмосферата и да се намалат концентрациите на CO2 во атмосферата.
Беше нагласена потребата од зачувување на безбедноста на храната, која останува главна цел на земјоделската политика, за да се избегне каков било конфликт со другите политики на ЕУ (како што е ЗЗП) и да се земат предвид спецификите на секоја земја членка.
Извор: agroklub.rs
