Во италијанскиот град Алба, во замокот Гринзане Кавур од 13 век, во неделата на аукција беше продаден бел тартуф од 830 грама за 103.000 евра. Тартуфот е најголемиот примерок на овогодинешната аукција во северна Италија. Нејзин сопственик стана италијанскиот готвач Умберто Бомбана, награден со ѕвезда на Мишелин, кој го води ресторанот „Otto e Mezzo“ во Хонг Конг.
Аукцијата се одржа на традиционалниот фестивал во италијанскиот град Алба, кој привлекува над 100.000 луѓе годишно.
Alba White Truffle Fair се одржува секоја година во втората недела во ноември во Кастело ди Гринзане Кавур од 13 век, место кое е заштитено светско наследство на УНЕСКО.

Во 2019 година на фестивалот беше продаден бел тартуф тежок над килограм за 120.000 евра. Тогаш миризливата печурка отиде кај бизнисмен од Хонг Конг.
Во 2007 година, бел тартуф тежок 1,5 кг, пронајден од Италијанец во околината на Пиза, беше продаден на аукција во Фиренца за 288.000 евра.
Белиот тартуф е една од најскапите намирници во светот, најреткиот и затоа најценетиот тартуф од сите видови на оваа печурка. Расте главно во Италија и Франција. За негово пронаоѓање се користат специјално обучени кучиња.
