Фармата на вредниот земјоделски производител Влада Крстониќ од српското село Милишево, годинава е побогата за уште еден вид растение. Покрај јагодите од кои годинава имал 8.000 садници, а за наредната сезона подготвува уште 10.000 садници, потоа малината виламет на отворено и херетиџ во пластеници (кои моментално ги бере), капини, пиперки, домати и краставици, во пластеникот и на отворено на семејството Крстониќ им пристигнува род и од кивано, познат како африканска диња или диња со рогови поради испакнатините што ги има родот, пренесува Агроклуб.рс.
Синот на Влада Крстониќ во октомври минатата година, добил еден плод од пријател.
„Од тоа овошје ги оставивме сите семки. Кога во февруари оваа година го спремавме расадот за домати и пиперки, синот и снаата го засеаја семето од кивано во контејнер со околу 60 отвори. Од секое семе никна растение. Бидејќи немаме многу простор во пластеникот за да засадиме повеќе од ова овошје поради останатиот зеленчук, засадивме само шест растенија, а остатокот го засадивме на отворено во земја без фолија“, вели Крстониќ.
И покрај сушата, листовите уште се зелени
На негово големо изненадување и задоволство, во пластеникот киваното дало доста род. Тој вели дека и самите се изненадени. Тие шест кивана во пластеникот имале многу род, уште не ги изброиле сите, а не ги ни обрале.
„Обравме само шест зрели парчиња, а веројатно остануваат уште четириесет. Сѐ уште не сме ги допреле оние што ги засадивме надвор, ниту знаеме колку овошје има. Интересно е што лисјата уште се зелени и покрај оваа суша, без дожд и вода. Растение надвор не претрпе ништо, зелено е како да се наводнувало секој ден“
Конечното созревање на родот се очекува за дваесетина дена. Влада проценува дека секоја засадена африканска диња ќе даде над 10 плодови. За оние што се класа, вели дека тежат од 400 до 500 грама, а има и помали.

„Кога ќе ја добијат портокаловата боја како портокал, тогаш може да се каже дека е зрело. Може да се јаде и кога е зелено и жолто, но има најдобра сласт кога е целосно зрело. Внатре делува како киви, а има вкус сличен на диња, банана и краставица. Многу е здраво и хранливо растение, содржи многу витамин Ц, железо, калиум и други витамини, многу корисни киселини, каротин и сѐ што е од корист за човечкиот организам“, вели тој.
Не бара многу грижа по расадувањето
Влада сѐ уште не е сигурен за пазарот, но според реакцијата на социјалните мрежи вели дека е барано и дека цената е 1.500 динари за килограм (околу 750 денари за килограм, иако на социјалните мрежи киваното се нуди и по цена од 170 до 300 денари за килограм, а едно парче се продава по цена од 100 денари). Го гледал и на излозите во големите трговски центри.
„Ако е така како што ми кажаа моите пријатели, тогаш можеме да размислуваме да засадиме цел пластеник на крајот на годината.“, вели Влада.
Значи, како што опиша Крстониќ, семките од кивано се ставаат во мали контејнери и за две до три недели ќе изртат. Се сади кога е во фаза на лист на температура над 12 степени.
„Тоа е растение кое не бара многу внимание по расадувањето. Како што гледам, може да се одгледува и надвор и во пластеник. Каква што беше суша, а јас не го наводнував, значи може да издржи долго без вода. Дава многу плодови, цената е добра. Само, треба да се најде и пазар“, заклучува Крстониќ.
