Иако се зборува дека е потребна промоција на боровинки на комерцијален начин на полињата, сепак поголем дел од ова овошје кај нас се бере на традиционален начин – рачна берба во природа. Во Кривопаланечко, на височина од 800 до 1200 метри боровинките ги има во изобилство, плод кој се очекува до крајот на јули и почетокот на август да ја постигне својата зрелост. За нивна берба берачите од овој крај веќе се подготвуваат наголемо, се прават организации,планови и извидувања на терен колку и каде ја има најмногу.
–„Како и сите диви плодови, така и боровинката оваа година ја има многу и да се надеваме дека ќе имаме богата година. Лани поминавме убаво, зедовме убави пари, секако, напорно е, ама знаеш дека ќе се исплати одењето по високите ридишта на Осоговијата. Местата на кои расте боровинката се тешки и недостапни, па мора да се оди исклучиво со теренско возило до одредена локација а потоа поради специфичноста не теренот се продолжува пешки по ридиштата“, вели нашиот соговорник Горан,четириесетгодишен берач на шумски плодови од Крива Паланка, кој за време на сезоната на берба оди организирано во група со по тројца берачи и важат за едни од најдобрите во овој крај.
Во разговор за Агротим.мк, Горан посочува на сите проблеми со кои се сретнуваат за време ан бербата.
– „ За да се стигне до местата со боровинки, тргнуваме рано наутро, кога уште не се разденило, со вклучени светла на џипот брзаме по правливите патишта, нарушувајќи ја тишината меѓу дрвјата и будејќи ја заспаната природа, физички подготвени и желба што поскоро да се стигне на берба. За берба на боровинката користеме специјални чешли, со кои полека минуваме по грмушката полна со темносини бобинки и задоволно слушаме како плодовите се тркалаат во пластичните кофи и вреќи кои ги носеме на раце, објаснува Горан.
Вели дека при добар род, еден собирач за еден ден може да собере и по 50 килограми, со откупна цена која се движи од 80 до 100 денари за килограм , се добива добра дневница која е и тоа како добредојдена за домашнито буџет.

-„ Не верувам дека оваа година цената ќе биде пониска, се зависи нормално и од квалитетот на самата боровинка. Убаво е што и покрај физичкиот напор кој го вложуваме до максимум, овде во планината имаме време и за шеги, приказни, што се вели делиме добро и лошо, си помагаме едни на други кога е потребно. Добро е кај боровинката што имаме откупни пунктови кои гарантираат сигурен откуп и плаќањето е веднаш, раскажува нашиот соговорник.
Сепак мора да се потенцира и фактот дека во вакви услови на криза, бербата на боровинка за мнoгумина ќе донесе значителни приходи но и во трката за поголема заработувачка многумина почнуваат со берба пред и да созреат доволно плодовите. Се укажува и на тоа дека грубото берење со чешел налик на гребло, го оштетува стеблото, за што стручњаците со години предупредуваат дека на тој начин се уништува дивата боровинка а повеќето берачи многу не се грижат за тоа.
На основа на претходните искуства и бербата на боровинката во период кога не е сеуште зрела, предупредувањата се неопходни за почитување на добрата собирачка пракса кога се во прашање шумските плодови. На тој начин би се влијаело бербата да се врши на тој начин прво да се зачува боровинката а од друга страна да се добие квалитетен производ кој ќе има и подобра цена и ќе се постигне подобар финансиски ефект. Тоа би требало да го знаат и берачите и откупувачите а и самите потрошувачи да купуваат квалитетна боровинка,сметаат стручњаците со што би имале зачувана животна средина и да се остават природни плантажи на генерациите после нас.

Пена Милковска сопственичка на откупен пункт Мони 98 во Крива Паланка вели дека минатата година откупиле околу 13 тони боровинка по цена од 80 до 100 денари за килограм, дневно откупувале од 500 до 800 килограми но вели дека имало години кога се носеле за откуп и до 1,5 тон на ден.
-„Оваа година има добар род боровинката се надеваме на поголем откуп, обично најголеми количини се откупуваат првите два три дена, кога берачите ја собираат и наеднаш ја донесуваат кај нас за откуп, но ние немаме проблем со тоа, имаме искуство бидејќи години наназад се занимаваме со откуп на шумски плодови, задоволни соработници, така да подготвени сме за старт“, вели Пена.
Боровинката е овошје кое многу тешко се одгледува бидејќи бара одреден тип на земјиште и расте на големи височини односно на планини. Исто така боровинката е доста тешка за берење, со оглед на тоа дека бобинките се со големина од неколку милиметри и се кријат под лисјата на помали џбунови. Да се собере еден килограм диви боровинки е процес кој трае час до два за еден одличен и вешт берач.

Доколку сакате да одгледувате боровинка на плантажи, тогаш инвестицијата и не е баш мала, се зависи од тоа дали тоа ќе биде на сопствено земјиште или под закуп. Ако е на ваша земја, тогаш ви е потребна одредена количина пари за насад, сигурно и неколку десетици илјади евра по хектар за да се доведе во оптимална состојба. Првиот хектар е најскап бидејќи бара голема инфраструктура која подоцна може да користи и за идните генерации насади.
Кај нас висината на директни плаќања за боровинка изнесува 33.000 денари по хектар
