Годишно произведуваат до 20.000 литри од отприлика два вагони грозје. Поголемиот дел од виното го пласираат по местата околу Задар, во Сукошане, Селине и Вир, а останатото го продаваат од куќниот праг.
Својата винска приказна семејството Хора ја започнало уште од 2000 година со садење на првото лозје од 3000 прачки во Вење. Сопружниците Мартина и Дамир не се надевале дека сонот на Дамир за сопствено вино и подрум денес ќе биде добар семеен бизнис.

На локациите на Мачево брдо, Вење и Зајчевац имаат 2,5 хектари лозје. Најмногу грашевина, дури 90 %, а за да немаат само еден вид, пред некоја година се одлучиле и на производство на црно вино мерло.
„Всушност мислевме да останеме мала винарија бидејќи јас и сопугот бевме во работен однос“, вели Мартина за Земјоделската телевизија, откривајќи дека бидејќи работата им оди добро, планираат проширување.
Цело семејство е вклучено во работата
Мартина истакнува дека како жена работите во лозјето и подрумот не ѝ се тешки, а особено не сега кога децата им се од голема помош.

На средната ќерка Барбара, иако запишала Факултет за физиотерапија, сѐ повеќе ѝ се чини дека кариерата ќе ја започне токму во овој семеен бизнис. Најстарата ќерка Ивана се одлучила за средно училиште и факултет за лозарство, винарство и овоштарство, додека на најмладиот член на семејството, дванаесетгодишниот син Марко, желба му е кога ќе порасне, да продолжи да се занимава со оваа работа.
Иако на повеќето винари пандемијата им направи големи штети, винаријата Хора скоро и да не ја почувствувала, а причината лежи токму во малото производство.

„Виното однапред ни беше распродадено. Рестораните со кои работиме беа отворени за време на сезоната така што целата берба ни се продаде“, истакнуваат, додавајќи дека поради тоа и не барале поддршка.
Квалитетот на нивното вино е препознатлив и наградуван од самиот почеток. Обично, објаснува соговорничката, се пријавуваат на Фестивалот на грашевина во Кутјево каде што со години освојуваат златни и сребрени медали. Најмила награда им е онаа од 2006 година, кога нивната грашевина е прогласена за шампион.

„Бевме многу горди бидејќи бевме млади винари кои штотуку учат“, потенцира таа.
Последниот натпреавр на кој учествувале бил на неодамна одржаниот Златен трс во Нова Градишка каде што освоиле награда за најдобро бело вино.
