По иницијатива на градоначалникот Митко Јанчев, општинската комисија за увид на фактичката состојба со лозовите насади спроведе обемни теренски проверки низ сите катастарски општини и утврди дека на територијата на Општина Кавадарци нема останато несобрано винско грозје.
Комисијата, формирана со решение од 9 октомври 2026 година, изминатите денови изврши детална контрола и увид на земјоделските и катастарските парцели во повеќе населени места:
- 09.10.2026 (петок): КО Сопот, КО Марена и КО Глишиќ;
- 12.10.2026 (понеделник): КО Кавадарци вон град и КО Ваташа;
- 13.10.2026 (вторник): КО Бегниште, КО Дабниште и КО Ресава;
- 14.10.2026 (среда): КО Возарци, КО Шивец, КО Брушани и КО Дреново.
Во рамки на постапката, дел од парцелите беа споредени и со претходно поднесените пријави за штети од елементарни непогоди (мраз и град), со цел подобра контрола и правилна проценка на состојбата на терен.
По спроведените активности во сите реони, комисијата во официјалниот извештај потврди дека гроздоберот на територијата на општината е целосно завршен и нема необрани лозови насади.
Извор- КТВ
