Користа од пчеларењето е доста голема и за пчеларот. Покрај финансиската страна, уште поголема е користа за неговото здравје. Штета што со пчеларство се занимаваат повеќе луѓето во поодминати години, а не и младите. Пчеларите многу ретко заболуваат од тешки заболувања и ревматски болести. Работејќи со пчелите, секогаш сте во чиста природа и на чист воздух, а и во движење.
Во кошницата владее микро клима со одредена температура, а воздухот во самата кошница е исполнет со прополисна пареа и балсами кои ги штитат пчелите од разни заболувања. Ваквиот воздух од кошницата е потопол од надворешниот воздух (најчесто) и како таков тој испарува нагоре, а пчеларот наведнат над кошницата го вдишува. Многу е корисен за дишните органи, органите за варење, како и уринарниот тракт.
1. ПЧЕЛЕН МЕД: Велам „пчелен мед” затоа што во последно време на нашите пазари има доста мед, па доста и пчелен. Во составот на пчелниот мед влегуваат над сто органски состојки (шеќери, ферменти, протеини, минерални соли, микро елементи, етерични масла, органски киселини и др.). Медот, човечкиот организам го користи без никаков остаток и без никаква дополнителна преработка, за нецели 20 минути медот се наоѓа во крвните садови, а тоа им дало повод уште на Хипократ, да заклучи „медот е пријател на стомакот и срцето”. Покрај тоа што се употребува за храна, тој е и лековито – диетално средство при многу заболувања. Пчеларот, работејќи со него, не може, а да не си ги „излиже прстите”. Медот во помали количества, до 40 грама дневно, можат да го користат и дијабетичарите.
Пчеларите можат да го имаат медот во неограничени количества за своја исхрана, па затоа медот е секогаш на трпезата на пчеларот.
2. ВОСОК: Ова е втор производ кој го добива пчеларот во поголеми количества. За човечкиот организам нема прехранбенаkorista od pcelarenje 2намена, но во фармацевтската индустрија е многу баран за приготвување разни кремови, масти и други лековити препарати. Восокот се користи и во козметиката. Добар е и за топли облоги при ревматски заболувања, како и за кожни болести.
3. ПРОПОЛИС: Прополисот е смолеста материја која содржи смоли, балсами, етерични масла, витамини, цветен прав и восок, а може да содржи и органски киселини, терпентини, алдехиди, минерални материи, аминокиселини и друго.
Благотворно делува врз органите за дишење, варење, видот, слухот, кожата (разни повреди, изгореници и рани), а има и анестетичко дејство (го намалува болот). Прополисот со право се нарекува „ЛЕК НА ИДНИНАТА” бидејќи неговото дејство е анти-бактериско, анти-микробно, анти-вирусно, анти-септично, анти-габично и уште многу други лековити особини. Пчеларот работејќи над кошницата, доаѓа во контакт со него и ги вдишува прополисните пареи и балзамите од самата кошница. Во последно време, се вдишува микроклимата од кошницата, и полни во балони, а после се употребува за инхалација кај луѓето и животните. Служи и како природен конзерванс, млекото и месото потопени во прополисен раствор не се расипуваат.
Во медицината, од него се прават разни лекарства за стомачни, очни, ушни, антиревматски заболувања, а посебно за лекарства кои се употребуваат за лечење на чиреви во органите за варење. Прополисот сè уште не е доволно испитан,а неговите потенцијални можности се уште поголеми.
4. МЛЕЧ: Претставува многу квалитетна храна наменета за исхрана на младите ларви во кошницата и за матицата. Матицата која е хранета со млеч несе околу 2.000 јајца дневно, коишто тежат повеќе од нејзината сопствена тежина. Матицата живее 3-5 години, а пчелата-работничка околу 45 дена, што се должи на исхраната на матицата со млеч. Млечот претставува единствена материја во природата која го подмладува човечкиот организам. За нормално функционирање на човечкиот организам му се korista od pcelarenje 3потребни 23 незаменливи аминокиселини, а млечот од нив содржи 21, така што во природата на друго место никаде не можат да се сретнат толку киселини концентрирани во една храна. Пчеларите имаат можност да го произведуваат во поголеми количества, но за жал, овој лековит продукт е непознат за поголем дел од пчеларите. Треба да го произведуваат за сопствена потреба и за пазарот бидејќи е доста баран и многу скап.
5. ЦВЕТЕН ПРАВ (ПОЛЕН): Ова е полов (машки) производ од растенијата. Пчелите, разнесувајќи го по другите цветови, ги опрашуваат (оплодуваат) растенијата. Како таков производ ги содржи сите елементи кои ќе го дадат почетниот дел од животот на плодот. Нема елемент, неопходен за човекот, кој не се содржи во поленот.
Пчеларите имаат можност да го произведуваат во неограничени количества. Освен како храна, тој има и стимулативно дејство. Доста е корисен против неплодност и кај двата пола. Покрај тоа што е корисен за здрави и болни деца, од него голема корист имаат и постарите луѓе, но пчеларите имаат слаб интерес за неговото производство. Во последно време, фармацевтската индустрија е доста заинтересирана за него.
Од поленот, со преработка од страна на пчелите, се добива перга (‘рѓа) која е уште покорисна материја, а претставува ферментиран полен богат со многу аминокиселини. Пергата има многу висока цена и е дефицитарна на нашите пазари. Може да ја консумираат и лица кои се алергични на полен.
6. ПЧЕЛЕН ОТРОВ: Пчелите го произведуваат како заштитно, а не како напаѓачко средство. Тој е така издозиран од страна на пчелата да предизвика болка и страв, а не да го усмрти напаѓачот на друштвото. По токсичност е скоро еднаков на змискиот и шкорпиониот отров.
Работејќи со пчелите, пчеларот добива најмалку десетина убоди дневно. Да напоменам дека од сите досега наведени пчелниkorista od pcelarenje 4 производи, пчеларот има најголема корист од пчелиниот отров. Можеби изгледа чудно, но тој е продукт кој го стимулира добивањето имунитет, бидејќи му помага на организмот во борбата со низа заболувања. Спротивставувајќи се на отровот, човечкиот организам се бори и со другите заболувања. Во ваков случај, пчелиниот отров е стимулатор во борбата против другите заболувања.
Пчеларите кои подолго време се занимаваат со пчеларење можат без некои проблеми истовремено да поднесат 200-400 убоди без поголеми оштетувања. Оние кои не примиле пчелин убод, треба да бидат внимателни, да не се алергични на него. Алергичните треба да заборават на пчеларењето, односно да се откажат од него. Смртната доза за пчеларите е 500-1.000 едновремени убоди, но тоа тешко може да се случи. Секој пчелар е различно отпорен на енормно голем број пчелни убоди.
Пчелниот отров е многу корисен против ревматски заболувања, артритис, нервни заболувања, повишен крвен притисок, намалена периферна циркулација, циркулација на крвта, а локално ја зголемува и температурата на местото на убодот. Со пчелниот отров успешно се лечат и некои автоимуни заболувања како што се мултиплекс склероза, паркинсонова болест, детска церебрална парализа, алкохолизам, наркоманија и други. За лечење на овие болести, постојат повеќе болници во светот. Една од нив се наоѓа во градот Чељабинск, во Русија.
Малку е ова што го напишавме досега за да може да се каже за улогата на пчелниот отров. Тој има голема иднина во современата медицина.
Пишува: Раде Каранфиловски, советник за пчеларство во „Апицентар” – Битола
Напишете коментар