Жители на кавадаречките села Ресава и Дабниште, вчера го чистеа Дабнишки канал, од кој се наводнуваат нивите во дабнишкиот и ресавскиот атар. Претседателот на месната заедница Ресава, Никола Ризов, појасни за МИА дека целта е спремно да се дочека новата наводнувачка сезона, земјоделските култури да можат да се наводнуваат во текот на топлите денови, кога водата ќе биде неопходна за нивниот раст и развој.
-Живееме и имаме земјоделски имоти во еден од деловите на Тиквешијата што е познат по тоа што раѓа грозје со извонреден квалитет, од кое се прават висикоквалитетни вина и ракии. Пишаните документи говорат дека во овој крај уште од дамнина се произведувало толку квалитетно и густо вино, што во крпа можело да се носи. Не сакаме ништо да оставиме на случајноста и затоа ја презедовме оваа своевидна работна акција. Да обезбедиме вода навремено, за да можеме да очекуваме богат и квалитетен род од земјоделските култури посадени во овој плоден дел на Тиквешијата, нагласи Ризов.
Како што најави Ризов, чистењето на каналот продолжува и во текот на утрешниот ден. Водата во каналот е од Дабнишката Река. Тој изрази благодарност до кавадаречки ,,Комуналец” и општината Кавадарци, за поддршката за реализација на оваа акција.
