Во сите гранки на земјоделското производство после жетвата остануваат корењата и надземните жетвени остатоци. Многу од жетвените остатоци како што се слама, пченкарница и остатоци од други растителни видови, остануваат како споредни производи. Жетвените остатоци како споредни производи можат да се искористат на повеќе начини: за сточна храна непосредно или преработена, како простирка во сточарството, како суровина за добивање целулоза, хартија и др., за спремање на компост или директно вклучување во процесот на користење на органската материја со заорување во почвата.

Кoличината на жетвени oстатoци вo растителнoтo прoизвoдствo зависи oд растителниoт вид, сoртата, какo и oд временските услoви вo пoедини гoдини. Кај oзимата пченица кoличината на слама е oд 3-7 т/ха, кај пченката 8-12 т/ха, кај сoнчoгледoт 3-6 т/ха и т.н. Акo жетвените oстатoци не се oднесат oд нивата, тие претставуваат реален вишок на производ на нивата, и треба на некој начин да се ослободи површината за благовремена обработка на почвата за следната сеидба.
Палењето на жетвените остатоци претставува губење на органска материја и азот. Освен губење на органска материја , огнот ги уништува микроорганизмите, го загрозува дивечот, ја загадува средината и претставува голема опасност заради можност од неконтролирано ширење на пожари.

Палењето на растителните остатоци на обработливите површини после жетвата, според постоечките законски прописи е забрането, освен во случај заради спречување на ширењето или уништувањето на штетни организми, кога за тоа постои службена наредба за палење, или во случај на палење на растителни остатоци од плевели.
Заорувањето на жетвените остатоци има повеќе предности. Заорувањето на растителните остатоци се вклучува во процесот на кружење на органската материја во почвата, се поттикнува биолошката активност на почвата, позитивно влијае на структурата и водно-воздушниот режим и топлотните особини на почвата. Покрај тоа на тешките почви органските остатоци ја подобруваат дренажата во слојот во кој се внесени.
Вредноста на жетвените остатоци зависи од содржината на хранивата и од односот на јаглеродот спрема азотот. Односот на јаглеродот и азотот кај пченицата е 75:1, пченката 50-60:1, сончогледот 40-50:1, кај луцерката 14:1. Тој однос кај прегореното арско ѓубре е 20:1, а во трајниот хумус 10:1. Со заорување на жетвените остатоци со широк однос на јагленород и азот може во текот на нивното разлагање да се очекува „азотна депресија“ поради намалување на нитратниот азот во почвата и неговото вградување во телото на микроорганизмите.

Заради ова на посевите во текот на вегетацијата се приметуваат симптоми на недостиг на азот. На азотната депресија, најосетливи се стрните жита, помалку окопните, додека легуминозите се неосетливи. Од тие причини при заорување на слама и пченкарница се препорачува додавање 50-100 кг/ха УРЕА за да се забрза процесот на минерализација на жетвените остатоци. Пред да се заораат жетвените остатоци, треба да се иситнат за рамномерно да се внесат во почвата. Покрај разни сецкалици постојат и адаптери, кои се монтираат на комбајнот, така што со жетвата остатоците се ситнат и рамномерно се растураат.
Времето на заорување зависи од времето на жетвата. Периодот на задржување на жетвените остатоци на површината на почвата зависи од должината на времето од жетвата и основната обработка за следната сеидба. Заорувањето на растителните остатоци, најдобро е да се внесат со плуг (плуг со ралник). Другите орудија се помалку практични за внесување на растителните остатоци во почвата. Длабочината на заорувањето мора да биде прилагодена спрема количината на органската маса која треба да се заора. Сламата и сличните растителни остатоци можат квалитетно да се заораат оп 20 см длабина, а за заорување на пченкарницата поради поголемата и жилава маса потребна e поголема длабочина, најчесто 25-30 см.
М-р Цветан Јовановски, АПРЗ
