БИТОЛА – Жетвата на јачменот веќе почна во Неготино и Градско, за десетина дена и во другите житници од државата, а нема цена на житото.
Ваквата состојба на терен силно ги загрижува производителите на житни култури. Жетвата на јачменот во зависност од сите други години почна порано заради поволните временски услови и дождливата пролет. За пченицата подготовките се во тек, но засега ситуацијата за производителите е неизвесна колку ќе чини нивниот род и дали ќе ги покријат трошоците за производство со оглед на поскапувањата на горивото, на репроматријалите, на нивниот труд.
Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и фармери за „Независен“ алармира дека се доцни со состанокот на потсекторската група за жито при МЗШВ, советодавно и координативно тело составено од претставници на министерството, земјоделци, мелничари и откупувачи за да се оформи цената на житото за реколтата 2026.
Она што според Стојкоски ќе се бара на состанокот е цената на килограм жито да не биде под 16 денари.
За споредба, лани цената на јачменот и пченицата се движеше од 10 до 12 денари за килограм, што за производителите беше неприфатлива и потценувачка за нивниот труд и вложените трошоци.
Стојкоски вели дека годинава се очекува како ретко досега квалитетна пченица заради поволните временски услови и дождот.
„Мора да имаме итен состанок на потсекторката група за жито во МЗШВ. Јас кажав дека состојбата е итна заради оформување на цената на јачменот и пченица пред самата жетва. Но, овие култури почнуваат да се жнеат, а ние немаме зборувано за цената, колку се пресметките за килограм јачмен, а колку за пченицата? Неизвесноста е голема“, вели Стојкоски за „Независен“.
Асоцијацијата на земјоделци и фармери ќе настапи со свој предлог за цените на житните култури од новата реколта.
„Доколку берзата на пченицата кажува спротивно на нашите пресметки за трошоците, оти нели пченицата оди на берза, ние остануваме на истиот став дека цената за килограм пченица или јачемен треба да биде најмалку 16 денари, но долколку берзата кажува пониска цена, разликата да ни ја доплати државата“, вели Стојкоски.
Земјоделците и нивните здруженија не само што ја очекуваат цената на житните култури, туку притискаат и си ги бараат заостанатите субвенции за предадено жито и по други мерки за изминатите две години кои не им се исплатени.
Субвенциите си ги бараат производителите на пченица, пченка, јачмен па и за сончогледот. Тоа според нив се субвенции за посевите во есента 2024 година.
„Си ги бараме субвенциите што ни следуваат по закон. Каде се субвенциите за посевите во есента 2024 година? Оттогаш наваму купувавме скапи репроматеријали, дојдовме до една незавидна финансиска ситуација. Тоа се средства што ни следуваат по донесени програми, одлуки, па и обезбедени средства во буџетот на државата, а пари нема“, изјави за „Независен“, Миле Кебакоски претседател на Здружението „Фармери Југозапад“.
Кебаковски додава дека „порано за земјоделците имаше мерка авансно плаќање 30 проценти за да се покријат некои трошоци за есенската сеидба, таа мерка се укина од оваа гарнитура“.
Сѐ уште нема исплата на субвенции за 2024 година како помош за регистрирани земјоделци. Нема субвенции за грло добиток, за млеко, за тутунот, за пчелите…, набројува Кебакоски.
Земјоделците пак на социјалните мрежи коментираат дека ситуацијата со заостанатите, а неисплатени субвенции за земјоделците и фармерите е неподнослива.
Живко Бумбаровски од Прилеп коментира: „Жално е што министерот не ги слуша земјоделците и не оди на терен, туку се среќава во сала. Да види што е обработено поштено и да праша: Колку пати се ора додека се посее или посади било што? Колку ѓубриво треба? Која е цената за да се ожнее. Тоа не го знае“.
Извор – Независен
