Делчевци на почетокот на новата 2023 година ќе го добијат посакуваниот нов Градски пазар. Проектот за негова изградба се реализира преку Центарот за развој на Источен плански регион, од каде информираа дека неговата реализацијата е во завршна фаза.
-Во завршна фаза е проектот „Градски пазар во Делчево – отворен и затворен дел (II фаза)“, имплементиран од страна на Центарот за развој на Источен плански регион. Со реализацијата на овој проект, Делчево за прв пат добива современ градски пазар со целата инфраструктура, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање храна и најразновидна стока, како и соодветен паркинг– простор, информираа од Центарот за развој на Источен плански регион.

Градскиот пазар во Делчево е со површина на градежна парцела 11.599 м2 и содржи продажен простор за земјоделски производи, но и други стоки.
Граѓаните очекуваат со неговата изградба во голема мера да се подобрат условите, а со тоа да добијат можност за поквалитетна услуга.
За пазарџиите ова ќе биде можност да се зголеми бројот на посетители од соседна Република Бугарија кои се меѓу најбројните купувачи во сабота кога е ден за пазар во Делчево.
