Хаскап или сибирска боровинка е помалку познат овошен вид со потекло од Азија. Нејзиното природно живеалиште е во Русија, Кина и Јапонија, а од неодамна сѐ повеќе се одгледува во Полска и Словачка. Но, нејзината популарност расте и на Балканот.
Со оглед на потеклото и природното живеалиште на ова растение, може да се заклучи дека е отпорно на ниски температури. Така, во зима може да издржи и до – 47 ° C. Рано цвета на температури под 0°C, додека цветовите издржуваат -10°C, пишуваат дипл.инг.агр. Стефанија Ловернчиќ и м-р. Вишња Шимуновиќ.
Поради овие карактеристики, ова овошје може да се одгледува во области со сурова континентална клима. Најдобро расте на сончеви позиции, со добро дренирана, но влажна почва, која е богата со органски материи. Идеалната pH вредност е од 5,5 до 7. Сепак, растението може да поднесе и посиромашни почви и делумна сенка, но во такви случаи раѓа помалку. Не ги поднесува оние почви кои долго ја задржуваат водата, бидејќи доаѓа до пропаѓање на растението, предупредуваат овие експерти.
Наведуваат дека треба да се направи добра подготовка пред садењето. Според анализата на почвата, треба да се изврши мелиоративно ѓубрење со ѓубриво и минерални ѓубрива, со поголема содржина на фосфор и калиум и да се изора на длабочина од 30 до 50 см.
Неопходно е да се засадат опрашувачи
Се препорачува засадување во доцна есен или рана пролет со двегодишни или тригодишни садници, кои имаат добро развиени три до четири ластари и добро развиен коренов систем. Контејнерска може да се прави во текот на целата вегетација.
Овој овошен вид се одгледува како грмушка или како жива ограда. Доколку се сади како грмушка, што е најчест случај на одгледување на насади, растојанието меѓу редовите треба да биде три метри, а во редот 1,5 метри. Меѓутоа, ако се одгледува во форма на жива ограда, тогаш растојанието треба да биде еден метар во рамките на редот. Според авторите на овој труд, на хектар има од 2.000 до 3.000 садници.
Се садат на длабочина како што биле засадени во расадникот.
Коренот треба да се закопа во растресита почва, добро да се нагази и наводни, за да се воспостави најдобар можен контакт помеѓу коренот и почвата.
Бидејќи не е самоплоден овошен вид, потребно е да се засадат најмалку две различни сорти заедно, а препораката е три до четири, кои цветаат во исто време. Исто така, постојат сорти на опрашувачи, кои почнуваат да цветаат порано и цветаат во релативно долг период.

Како да се негува насадот?
Во првите три до четири години најдобро е обработување на целата површина по механички пат, по што меѓуредниот простор може да се затреви и да се коси, а во редот механички да се обработи.
За добар раст и развој на грмушките, неопходно е да се изврши наводнување. Грмушката се формира така што ќе се отстранат сите оштетувања. Како што наведуваат гореспоменатите стручњаци, кога ќе дојде во полн род, се отстрануваат изродените ластари и на тој начин се подмладува и се одржува во форма. Доколку редовно се подмладува со кроење, може да живее и до 30 години, потенцираат во својот труд.
Сибирската боровинка има генетски потенцијал за добри приноси, што значи дека со редовно ѓубрење може да се постигне тоа. Приближно препорачаните дози на ѓубриво се: 60-70 kg/ha N, 50 kg/ha P2O5 и 90 kg/ha K2O.
Оваа листопадна грмушка може да порасне од еден до три метри во висина и 1,5 метри во ширина. Спаѓа во групата на долговечни растенија бидејќи живее од 25 до 30 години. Плодот е долгнавеста бобинка со сино-виолетова боја, со вкус кој потсетува на боровинки, а созрева во мај.
Во третата година дава од половина до еден килограм по грмушка, а во полн род може да даде три до пет килограми (старост на грмушката пет до шест години) плод. Токму поради брзото стапување во род и раното зреење, плодот често се нарекува и мајска јагода. Може да се консумира сиров или од него да се прават џемови, желеа, освежителни пијалоци, а се користи и во кулинарството при приготвување јадења од дивеч и црвено месо.
Извор: agroklub.rs
