Десетина странски вински експерти деновие беа во студиска посета на нашите винарии, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

„Ги освојуваме светските пазари. Десетина странски вински експерти деновие беа во студиска посета на нашите винарии. Нивната експертиза и стручност е од исклучително значење за промоција на нашите вина меѓу потрошувачите. Македонските вина заедно со другите вина од Балканот ќе го покажат својот потенцијал, ширум светот.“, рече Николовски.

Како што пренесува Извоз.мк, во првите три месеци годинава од Македонија се извезени вина во вредност од 14,6 милиони евра. Тоа за 20% повеќе во споредба со истиот период лани кога извозот изнесувал 13,9 милиони евра. Количински, извозот е зголемен само за 1,4%, што значи дека поголемиот извоз се должи во најголем дел на инфлацијата и повисоките цени. Ако се анализира по земји, најголем пазар за македонските вина традиционално останува Србија, каде за периодот јануари-март годинава биле извезени вина во вредност од 5,2 милиони евра. Втор најголем извозен пазар била Германија со извоз од 2 милиони евра, каде вообичаено најголем дел од извозот е наливно вино.

Следат Хрватска со извоз вреден 1,7 милиони евра, БиХ со извоз од 1,1 милион евра, Автсрија со извоз од 695 илјади евра и Словенија со извоз во вредност од 572 илјади евра.
