
На два километри од центарот на Гевгелија, на патот кон Кожуф, се наоѓа бутик винаријата „Јостела“. За почетоците на винаријата, напредокот и плановите за иднина разговаравме со сопственичката на винаријата, Венера Гелебешева Крстиќ.
„Нашата приказна започнува 2005 година, кога татко ми Јован Гелебешев, кој беше енолог, одлучи да направи мала бутик винарија, посади лозје и планот му беше да се занимава со производство на вино, што впрочем му беше и струка. Иако замислата му беше да биде само хоби, сепак винаријата ја направи по сите прописи, со проект и план, ја регистрираше во регистерот на производители на вино и така започна една приказна.

Паралелно, со изградбата на винаријата, посади и лозје, кое се наоѓа токму пред винаријата и тоа од сортите каберне франк и мерло. Заамислата беше да произведуваме црвени вина, затоа што тој велеше дека само црвеното вино е вино. Првите вина кои ги произведувавме беа Каберне совињон, Мерло и Вранец, од грозје кое го купувавме. Кога нашето лозје стигна на род, продолживме со истиот сортимент и малку го проширивме производството.

Во 2008 година, следејќи ги винските трендови, започнавме со производство на првото наше розе вино од сортата каберне франк и до денес тоа вино е заштитен знак на нашата винарија.
Во 2018 година прв пат направивме и бело вино и на тој начин ја заокруживме нашата приказна.
Денес веќе имаме 6 различни типови на вино и сметам за мала бутик винарија дека е сосема доволно. Сега сме повеќе посветени на квалитетот и правење на вино од истите сорти како и на почетокот, но со различни варијации, што би се рекло „варијација на тема“. Винаријата е изградена со сопствени средства и до сега немаме користено никаква помош во смисла на некој грант или друг вид финансиска подршка.“, ни раскажа Венера.

Капацитетот на винаријата е 20.000 литри, годишното производство на вино е околу 10.000 литри, а Венера на винаријата работи заедно со нејзиниот син.
„Јас сум енолог, а исто и син ми ги следи моите стапки. Ние сме практично три генерации енолози. За жал татко ми почина во 2020 година, но ние го продолживме она што тој го започна и се трудиме да ја издигнеме „Јостела“ до препознатлив и баран бренд. Како што веќе споменав имаме сопствени лозови насади од сортите каберне франк и мерло, но и откупуваме грозје, како што е жилавка и каберне совињон. Во одредени години, кога квалитетот на вранецот е добар, откупуваме и вранец. Во моментов произведуваме 6 типа на вина, едно бело Жилавка, два типа розе, Нуит (куве розе) и розе од каберне франк и црвени вина како Мерло, Каберне совињон и Гаудиум (куве од Каберне совињон, Каберне франк и Мерло).“

Вината од винаријата „Јостела“ се овошни и свежи, а секое од нив има свои препознатливи карактеристики на сортата, посебно во делот на аромите.
„Нема посебна тајна во нашите вина, нашиот стил е да што подобро ги преточиме карактеристиките на сортата во вино. Тоа значи дека секое вино има свои препознатливи карактеристики на сортата посебно во делот на аромите. Нашите вина се пред се овошни и свежи. Ова се однесува пред се за белото и розе вината, но и црвените вина се полни со овошни ароми и после шест месеци од бербата веќе ги пуштаме на пазарот. Во моментов винската публика бара овошни и свежи вина. Дел од црвените вината ги зрееме во дабови барик буриња и тие одат на пазарот после 3 години. Тоа се друга категорија на вина. Можам да кажам дека имаме две категории на вина, сортни вина (направени од една сорта на грозје и тие ги продаваме како млади, свежи и овошни вина) и вина категорија на куве вина, каде што во мометов имаме две вина, Нуит и Гаудиум. Нуит е куве розе вино направено од две сорти каберне франк и мерло и како такво е единствено на македонскиот пазар. Гаудиум е куве од сортите Каберне франк, Каберне совињон и Мерло. Овие вина секое посебно одлежува во дабови буриња, а комбинацијата ја правиме после 1-2 години. И откако ќе го наполниме, уште шест месеци одлежува во шише, за да може виното да се смири и созрее во шише.“, ни објасни Венера.

Што значи „Јостела“?
„Името Јостела е кованица од првите букви на трите внуци на татко ми, Јована, Стефан и Елена.
Минатата година работевме на ребрендирање и комплетно ги сменивме етикетите на сите вина.
Сортните вина, Жилавка, Розе, Каберне совињон и Мерло имаат етикети со кои секое вино е претставено со девојка во народна носија од различни региони од Македонија, но на еден модерен и стилизиран начин, а во косата се содржаи аромите на виното или некоја специфика за соодветната сорта, претставени во вид на овошје, цвеќе, тревки, птици и сл. Овие етикети се дело на една сликарка, која секоја етикета ја осмисли и рачно ја нацрта.

Етикетите за Нуит и Гаудиум се наш предлог, наша идеја. Овие етикети претставуваат спој меѓу модерното и митологијата. Нуит е божица на вселената во староегипетската митологија и претставува персонификација на љубовта.
Гаудиум на латински значи радост на живеењето. И тоа е поврзано со богот Дионис, а и самото вино е за уживање, со смирени танони, елегантно, овошно, зачинско и минерално во исто време.
Венера вели дека се задоволни од пласманот на нивните вина, иако, како што вели, секогаш може подобро.

„Пласманот може да биде секогаш подобар. Генерално задоволни сме. Ние сме бутик винарија и призведуваме мали серии на вина и наша цел е да ги има нашите вина во некои ресторани и во специјализирани продавници за вино. Засега нашите вина може да се најдат на неколку места во Скопје, во Вајнбери, Алкотека, Винкатер, онлајн на Виномаркет, а од скоро и во Битола.
Купувачите се повеќе не препознаваат и ги бараат нашите вина. Минатата година, Жилавката беше најбарано наше вино, со кое не препознаваат на пазарот, како стил на овошно и несекојдневно вино. Исто така и розето НУИТ се повеќе е барано и препознаено од помладите.

Што се однесува на помошта од државата, мое мислење е дека државата треба да има некоја национална програма која директно ќе ги поддржува малите производители, од типот на бесплатни промоции на македонските вина, како во нашата држава, така и на меѓународни саеми, фестивали или салони, но пред се за мали винарии. Да имам посебни програми за промоција на малите винарии, одредена финансиска подршка за промоција и маркетинг, рефундирање на средства вложени за репроматеријали (шишиња, тапи етикети и сл.) .
Зборувавме со Венера што според неа е потребно да преземат нашата држава и институциите за подобра видливост на македонските вина.
„Во делот на законите, мора да се направат измени во делот за откуп на грозје од страна на малите винарии, во смисла на олесенти услови за купување (мал производител на грозје и мал производител на вино). Да се поедностават административните постапки. Да постои субвенционирање од страна на државата во делот на хемиски анализи, издавање сертификати, различни такси и сл.
Сето наведено можеби не придонесува за директно зголемување на продажабата на вино, но придонесува во делот на активностите што енологот или винарот што повеќе да се посвети на квалитетот на виното и да пристапи со повеќе енергија и ентузијазам.“
Пред неколку дена на винаријата се одржа работилницата која тематски се фокусираше на воведување на интернет маркетинг, презентација на вино и спарување на вино и храна.
„Пред извесно време се одржа втората работилница од проектот на Швајцарската амбасада. Замислата на овој проект е развивање на винскиот туризам кај малите винарии, а со цел да им ја пренесеме љубовта и посветеноста кон виното на гостите што не посетуваат. Проектот опфаќа повеќе аспекти, од мапирање на малите винарии, пристап со гостите, инфраструктурни прашања (од типот на простории за дегустација, сместувачки капацитети, простор за продажба на виното и сл.), што би ни помогнало во полесна и подобра продажба на нашите вина.

Еден дел е совети за како да се послужува виното, како да го спариме со домашната и локална кујна.
Како да ги истакнеме спецификите на нашите вина и зошто се тие поразлични од вината во светот. Како да го објасниме тероарот на нашите вина.
Како да ги искористие сите алатки што ни се во моментов на располагање, а не бараат многу финансиски средства, како што се дигиталниот маркетинг, рекламирање преку социјалните мрежи, изработка на веб-страница и сл.“, објасни Венера.
Напишете коментар