Портпаролката на скопската зоолошка градина, Тина Мицковска предупредува дека во државата се случува нелегална трговија со млади лавови. Дека навистина ова се случува, показател се фотографиите на различни луѓе од Скопје и Куманово кои се фотографирани со мали лавчиња, пишува Слободен печат.
-Во Македонија не е дозволено да се купи лав, дури ни ние како зоолошка градина не можеме лав да купиме, туку правиме размена со други зоолошки градини. Трговијата и нелегален шверц со диви животни во Македонија е забранета со закон. Не само овде, туку низ цела Европа има ригорозни казни и долги години затвор за тој што ќе биде фатен со ваков вид на животно. Како успеало малото лавче да влезе во државава, ги повикувам да испитаат и да објават сите медиуми, затоа што се работи за меѓународен скандал. Ова животинче, ќе порасне во лав кој бара специфична нега и услови, кој е забрането со закон да се продава и тргува со него, а уште помалку вака некој да се изживува со него. Сите што се имаа сликано со лавчето, ме блокираа на ФБ кога им пишав, дел од нив работат и на скопски аеродром- Airport Tav Skopje – вели Мицковска.
Таа додава дека добила дојава и дека не е само едно лавче, туку дека се работи за цело легло.
За случајот е веќе пријавено во полиција, инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина, а Мицковска упатува апел до сите кои ќе забележат фотографии од луѓе со лавчиња да ѝ ги испратат како доказ.
– Ги молам граѓаните да помогнат заеднички да го спречиме овој шверц што секаде низ светот се смета за најголем криминал – повикува на помош портпаролката на Зоолошката градина.
Извор: Слободен печат