Гари е мијачко село сместено на надморска височина од околу 1100 метри длабоко во пазувите на планината Стогово, под шумата наречена Канеш. Селото се наоѓа во една тесна долина, која произлегува од едно ледничко езерце на Стогово. Низ селото поминува Гарска Река, која претставува заштитен споменик на природата.
Селото е особено познато по иконостасот и резбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, кои биле изработени од тајфата на далеку познатиот мајстор Петре Филиповски – Гарката.

Историја
При продорот на словенските племиња на Балканот, меѓу повоинствените биле Мијаците. Се наведува дека Гари било населено од страна на Мијаците во 1760 година, а претходно таа месност била пуста. Неколку легенди говорат дека тие како похрабри го населиле најтешко проодниот предел од Македонија по Радика, во пазувите на планините Стогово, Бистра, Јама па сè до Малесија и Лума (Албанија). Според Тома Смилјаниќ, Мијаците се викаат така бидејќи секогаш биле чисти и измиени. Друго предание говори дека Мијаците го добиле името бидејќи личната заменка „ние“, ја изговараат „мие“. Смилјаниќ смета дека ова толкување е најточно.

Според легендата се вели дека во текот на XV век на падините на планината Стогово, во месноста наречена Дрениче постоела црква посветена на Свети Спас, од која неколкупати ја снемувало иконата посветена на светецот. Иконата одлетувала до денешното село Гари, а селаните подоцна ја враќале назад, но настанот се повторувал. Затоа, селаните одлучиле да подигнат нова црква и село на местото каде што паѓала иконата.

Сточарство
Во селото, уште од неговото населување, најголема стопанска дејност била сточарството, поради планинската местоположба и малкуте можности за обработка на земјата. Некогаш, во селото имало 25.000-30.000 овци, од кои се правел кашкавал и сирење, кои се продавале низ Македонија и во странство.
Во време на Југославија била направена килимарницата, која вработувала 120 жени, кои произведувале персиски килими што се продавале во Германија.

Во поново време била најавена странска инвестиција од страна на хрватското претпријатие „Мали Лошињ“, кое започнало со изградба на фабрика за вода за пиење од околните извори. Фабриката е сместена во близина на селото, на оддалеченост од пет километри.
Родови
Гари е старо македонско православно село. Според народната традиција еднаш селото пропаднало, па денешното село го обновиле доселеници од разни краишта и од некои раселени села во атарот на Гари.
Родови во Гари се: Дуковци (50 к.), најстар род во селото; Којчевци (16 к.); Коџакаровци (8 к.); Џиковци (10 к.), доселени од Тресонче; Пејчиновци (15 к.); Стаматовци (17 к.); Поповци (8 к.); Патниковци (7 к.); Србиновци (15 к.) и Негровци (15 к.).

Цркви
Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква (1860 г.);
Црква „Св. Петка“ — црква сместена на падините на Стогово, наречена „Изворите“, изградена кон крајот на XX век;
Црква „Св. Јован Крстител“ — изградена кон крајот на XX век.
Редовни настани
Голема Богородица (28 август) — селска слава



