Пред една деценија производител на грозје, а денес сопственик на мала винарија „Јаковлевски“, во центарот на Кавадарци. Вака дипломиран туристички работник, Ѓорѓи Јаковлевски, ја продолжи семејната традиција на винарење, во автентичноста на подрумот од семејната куќа. Во него првично произведувал илјада литри а денеска околу шест , со можност за зголемување од уште четири тони и од годинава првите количини на вранец барик. Начинот на производство, во пластичните и роствеј буриња е традиционален. Јаковлевски на 35 годишна возраст со сопствената идеја храбро се спротивставил на откупувачите и нивните ниски цени на грозјето.

-Јас немам големи површини, околу 7 – 7,5 декари се, немам голема површина со воглавно постари насади од кои едниот е поврзан со мене, засаден е кога јас сум се родил пред 45 години, со автентични и автохтони сорти на грозје од овој регион како станушина, смедеревка, хамбург и вранец кој што дава одлични резултати во тиквешијата, рече Јаковлевски.
Освен мирисот на вино ,од првото дабово буре наполнето со вранец кој зрее, штом влезето во оваа мала винарија, ќе го почувствувате и мирисот на произведен домашен вињак по рецепт на печење на вино. Вгодина планирано е производство од 2,5 тони.
-Французите го нарекуваат коњак, во поранешна Југославија вињак . Го произведуваме за своја душа, за пријатели. Со измената на законот постои можност да се регистрира производство на ракија, бидејќи ова е жесток алкохол, и така овој пијалок да може легално да се најде на трпезите во државата, додаде Јаковлевски.
Сепак од измените на Законот за вино ,овој винопроизводител, особено е задоволен поради можноста што законското решение му дава на физичко лице да продава од дома, како што вели, од праг, и на тој начин му овозможува на купувачот посета на малата винарија како и запознавање со процесот на производство на виното што го купува.
-Се направија тие разграничувања кои досега, за жал во законот ги немаше. Прво што баравме е да се разграничат производителите на вино, сепак ние сме домашни или семејни производители кои се решиле да подготвиме вино и сега ни се нуди можност да го пуштиме во промет, во трговските мрежи, во рестораните но и да се легализира продажбата од праг. маркети итн. Се што побаравме министерството за земјоделство шумарство и водостопанство прифати. Со подзаконските акти затоа што реално некои пречки што ни сметаа како првично разграничување на мали винарски визби потоа со образованието, претходно се бараше да имаш вработен енолог, што лично не оптеретуваше, сега со измените се регулира, значи секое физичко лице што има завршено средно образование може да произведува и пушта вино во оптег. Постои можноста и за ангажирање на енолог, доколку сметаме дека ни е потребен, на одредено време, додаде Јаковлевски.

Малата винарија „Јаковлевски“ е согласна преку анализа во овластена лабораторија да обезбеди потврда дека вината што ги произведува се согласно критериумите што важат и за големите винарии. Не стравува од конкуренција затоа што винаријата со квалитетот на вината и бројните награди препозната е како во градот така и во државата. Сега Јаковлевски можноста за поголем пласман и повисока цена на вината ја гледа токму во местата на рафтовите во трговската мрежа и во угостителските објекти. Тоа го стимулира да го зголеми производството.
-Реално, се трудиме квалитетот да го наплатиме. Се трудиме. Цената сами ја одредуваме. Дали ќе го продадеме за ефтина цена и одеднаш или ќе одржуваш стандард по кој луѓето ќе те препознаат и ќе платат повисока цена . Секоја година вложуваме средства за производство на квалитетни вина па така цената мора да оди нагоре. Ако се вратиме наназад ќе видиме дека сме продавале вино по едно евро а сега две, три, четири и повеќе евра, зависи за која сорта на вино станува збор. Од видот на сортата, варира цената. Ако гледаме дека пазарот ги бара автохтоните сорти како темјаниката која како килограм грозје чини 30 -35 денари цената е помеѓу 3 и 4 евра. …Странците го препознаваат квалитетот и се трудиме да ги привлечеме. Тие често доаѓаат во нашите вински подруми и има интерес за нашите вина, рече Јаковлевски.

Овие рачно насликани стаклени шишиња се најновата инвестиција на винарија „Јаковлевски“ . Ќе се полнат со вина од автохтоните сорти вранец, темјаника и подзаборавената последниве години, станушина, за љубители на виното кои доаѓаат на винските тури низ тиквешијата. Но нив, ќе можат да ги купат и домашните љубители на ексклузивни вина, кои во винаријата ќе бидат послужени со традиционалните македонски кашкавали и сирења.
-Освен производството на вина и развојот на винскиот туризам е неизбежно нешто во кое што мораме како ние така да инвестира и државата. Жално е кога по автопатот кај нас се движат милиони туристи а ние ги гледаме и не можеме да ги привлечеме и да остават пари во овие наши вински подруми. Желба кај нив постои затоа мораме да ги привлечеме, да ги донесеме тука да дегустираат прекрасни вина и традиционална храна и да можеме да раснеме во сместувачки капацитети, дегустациони сали . Да ги следиме трендовите на Хрватска и Словенија со кои што бевме во една држава, тие отидоа многу напред а ние заостанавме, додаде Јаковлевски.
Според Јаковлевски последните податоци во Централниот регистер покажуваат дека во државата се регистрирани само 76 мали винарии наспроти по 40 илјади во Хрватска и Словенија. Тој очекува токму новиот Закон за производство на вино да ги охрабри колебливите винопроизводители. Доколку министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство овозможи дополнителна помош и се зголеми искористеноста на ИПАРД програмата тогаш ќе се зголеми и бројот како на регистрирани винопроизводители така и на членови на здружението.
Убавка Јаневска