Современиот начин на одгледување овошје бара правилно и навремено наводнување на овоштарниците. При наводнувањето на овоштарниците, особено важно е правилното дозирање на водата. Доколку наводнувањето се врши почесто од потребното, доаѓа до прекумерно внесување вода и од друга страна, ако се наводнува поретко и се внесува помала количина вода од потребната, не може да се постигне висок и квалитетен род. Длабочината на почвата што треба да се навлажнува зависи од развиеноста на кореновиот систем и фазата на развој на растението. Кај јаболката, праските и крушите, длабочината на наводнување изнесува од 0,40 до 0,55 m. Во практиката, наводнувањето најчесто се врши според критичните периоди кога овошките имаат најголема потреба од вода. Најголема потрошувачка на вода има од фазата на цветање до крајот на интензивниот пораст на плодовите.
Критични фази на развој во однос на потребата од вода:
• цветање,
• пораст на листовите и младите леторасти,
• формирање на заврзите,
• пораст и развој на плодовите.

Првото наводнување треба да се изврши околу десет дена по цветањето, доколку пролетта е сушна.
Второто наводнување се врши на почетокот на јули, во периодот на најинтензивен пораст на вегетативните органи, кога се формираат цветните пупки за наредната година и интензивно растат плодовите. Во овој период е најголема и евапотранспирацијата, па овошките трошат најмногу вода.
Третото наводнување се спроведува на почетокот на август, кога плодовите интензивно растат и созреваат за берба кон крајот на месецот и во текот на следниот период.
Четвртото наводнување се применува само кај сорти јаболка и круши наменети за зимско складирање и потрошувачка, а се изведува 25–30 дена пред бербата.
Водата има исклучително важна улога во одвивањето на сите физиолошки и биохемиски процеси кај овошките. Потребите од вода кај овошните култури зависат од видот на растението, фазата на развој, климатските услови и типот на почвата. Најголеми потреби од вода се јавуваат во летниот период, особено во месеците јули и август, кога високите температури и интензивната транспирација ја зголемуваат потрошувачката на вода. Правилното и навремено наводнување овозможува нормален раст, развој и формирање на подобар принос и квалитет кај овошките.
Извор: Агрометео
