Зборот маџун може да се слушне и во Македонија и во Турција, а во двете земји изгледа сосема поинаку. Во Македонија маџунот е лек, а во Турција лек и бонбона. Во Македонија во минатото го користеле сиромашните, а во Турција султанот Сулејман Величествениот за да ја опорави својата мајка Ајша Хафса, попозната по титулата Валиде султан.
Маџунот е слад од грозје густ како сируп или мед, природен засладувач со оригинален вкус и специфични ароми, лековит напиток за зајакнување на имунитетот, кој со векови се прави во Македонија.
Жителите на селата од Тиквешкиот регион во околината на Неготино и Кавадарци во своите шпајзови и визби чуваат маџун стар и по неколку децении, наследен од нивните баби дедовци, бидејќи, како што велат, колку е маџунот постар, толку е подобар и полековит.

Меѓу луѓето се прераскажува легендата за тоа како настанал маџунот.
Размислувајќи како да го збогати тестото и да го изненади семејството, на една жена од Тиквешкиот крај и текнало да проба со шира (сок од грозје, без алкохолна ферментација).
Наполнила едно шише со шира, со пепел ја прочистила од нечистотија и го замесила тестото. Кога семејството ја пробало тортата, биле задоволни од вкусот, но тортата не била доволно слатка.
Во потрага по нешто што би можело да им го заслади животот, жената повторно земала шира и почнала да ја вари додека не добила густа, леплива и слатка течност. Така настанал маџунот, а на ист начин се произведува и денес.
Потешко е да се направи маџун отколку вино, но е поисплатлив бидејќи луѓето го бараат и како лек и како храна.

Кога се меле грозјето, кратко стои во комињето додека не се добие шира. Потоа преку газа се цеди во поголемо тенџере и се вари на умерен оган, внимавајќи да не загори, додека не се добие густа течност како мед. За време на варењето, пената постојано се отстранува од површината со помош на цедалка за чај. Кога маџунот ќе се олади, се става во стерилизирани тегли или шишиња и може да стои со години и децении.
Со него се преливаат крофни, се филуваат палачинки, се става во раванија или во други колачи, а лекарите препорачуваат една кафена лажичка растворена во вода како сок – за здравје.

Маџунот има многу железо, па како антиоксиданс е добар за зајакнување на крвта. Покрај редовната терапија, докторите го препорачуваат на пациенти кои имаат проблеми со црн дроб, цироза, а се користи и како превентива за зајакнување на имунитетот бидејќи има многу други лековити својства.
Маџунот, но во сосема поинаква форма, како „гумена“ бонбона, може да се најде и во Турција. Во Истанбул на мали улични тезги се продава нешто што наликува на лижавче во спирална форма. Продавачите пред нив имаат садови наполнети со густа течност во разни бои. Тоа е течна бонбона која се стврднува по неколку минути во вештите раце на мајсторот.
Сепак, тоа не е обична бонбона. Се нарекува маџун, а приказната вели дека првпат е направен во 1527 година по наредба на султан Сулејман Величествениот како лек за опоравување на неговата мајка Ајша Хафса, попозната како Валиде Султан.

Сулејман Величествениот бил презадоволен од неговите лековити својства, па затоа одредил да се празнува еден ден од пролетта, кога е пролетната рамноденица и тој ден да им се подели маџун на сите во главниот град. Маџунот има силен вкус и мирис и се разликува од другите бонбони.
Легендата вели дека оваа магична мешавина содржи 41 состојка кои можат да излечат исто толку болести. Истакнувани се и неговите афродизијачки својства, бидејќи ги опушта мускулите.
На турски зборот маџун значи „паста“. Во старите книги за фармакологија и Готвачот од султанската палата се споменува еден рецепт за маџун со огромен број состојки: килибар, мошус, црвена детелина, куркума, ѓумбир, детелина, цимет, морско оревче, ванила, кокос…