Советот на Европската Унија воведе петти пакет санкции за Русија поради инвазијата на Украина, а тие го ограничуваат увозот во ЕУ.
Широк е спектарот на руски производи кои подлежат на нови санкции, а во него спаѓаат и ѓубривата, пишува Fertilizerdaily.
„Одлуката за забрана за увоз на руски ѓубрива се чини дека е стратешка грешка. Неколку европски компании од денеска го намалија или целосно го суспендираа производството на минерални ѓубрива, што предизвика нагло зголемување на цените. По воведувањето на петтиот пакет санкции, тие ќе достигнат нови максимуми“, коментирале од информативно-аналитичката служба на овој руски портал специјализиран за ѓубрива додавајќи дека таквата динамика ја загрозува пролетната сеидба и идната жетва.
Според списокот објавен од Советот, санкциите вклучуваат и забрана за закотвување на бродови под руско знаме во европските пристаништа. Исклучоци се предвидени за оние кои превезуваат земјоделски и прехранбени производи, хуманитарна помош и енергија, за што ќе одлучуваат земјите членки.
Забрана за сообраќај има и за руските и белоруските патни превозници кои нема да можат да превезуваат стока во рамките на ЕУ, дури и кога станува збор за транзит. Исклучоци се предвидени за транспорт на фармацевтски, медицински, земјоделски и прехранбени производи.
Санкционираниот извоз изнесува околу 10 милијарди евра годишно, а увозот 5,5 милијарди евра.
