Утре по повод 8 март, во организација на Платформата за родова еднаквост ќе се одржи марш под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ со почеток во 12 часот пред Владата на РС Македонија.
По тој повод во Утрински брифинг гостуваше Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција.
Меѓу другото, таа се осврна и на жените земјоделки и додаде дека „Рурална коалиција“ работи да ги врати жените во земјоделското производство, особено кога во периодот на пандемијата пазарите не работеа и владееше страв. Организацијата работи на тоа да се зголеми количеството на земјоделски преработки, бидејќи тие главно се увезуваат, како и на промоција на женското земјоделско производство.
„Во 2021 година конечно за првпат се донесе мерка за економско јакнење на жените од руралните средини и се помагаа нивните економски активности“, рече Јоноски.
„Вториот сегмент на којшто работевме е околу промоцијата, околу додавање на додатна вредност на земјоделското производство. Проблемот кај нас е што сѐ оди како сурово производство, не се вложува многу во негова преработка како би биле поконкурентни на пазарите и затоа потоа се соочуваме со многу ниски цени на пазарите и со многу поголема конкурентност. За таа цел го отворивме првиот онлајн пазар на земјоделски производи „Наша тезга.мк“, каде што имаме 130 жени кои започнале да вложуваат во себе, во својот сопствен бизнис, во маркетингот и имаат значителни количини кои сега се и достапни за да се купат“, рече Јоноски.