Во селото Тодоровци во близина на Македонска Каменица, живеат Фердо и Олга Јанковски. Имаат мало дворче со сѐ во него – пиперки, патлиџани, јаготки, маче, фурна за леб, низи со суви пиперки…

Кога стигнавме во нивниот дом, тие беа зафатени со биење пипер за превкусна биена или к`цана сол. Ги замоливме нашите гостопримливи и љубезни домаќини да го споделат со нас рецептот за овој традиционален македонски зачин.

„Кога ќе се вцрват пиперките се нижат на везеница (низа). Во една низа има околу 5 кг пипер. Откако ќе се наниже пиперот се остава да се исуши. Откако ќе се исуши, се потпекува во фурна. Најдобро е да се остави цела ноќ во фурната за убаво да се испече и следниот ден е спремен за биење (кцање). Се додава отприлика две лажици сол или повеќе или помалку, според сопствениот вкус, а по желба може да се додаде и џоџан (мирудија) и печен сусам“, ни го објасни дедо Фердо целиот процес, а како тој го „бие“ сувиот пипер може да погледнете во следното видео.
