Проектот „Договорно производство на органска пиперка“ на Агротим, финишира со добивањето на првите тегли органски ајвар „MAMA’S“.
Започнавме со потпишување на договорите, одгледувањето на пиперките, бербата и финалниот производ – органскиот ајвар.
Пиперките од земјоделците кои имаа склучено договор со „Тргопродукт“ беа предадени и навреме им се платија, согласно договорот. Задоволни и земјоделците и преработувачите, а најмногу тимот кој го работеше проектот поради успешноста на една визија. Од семе до повисок степен на финализација.
Годинава разговаравме со повеќе преработувачи, но само „Тргопродукт“ веднаш го препозна проектот како перспективен. За 2022 година очекувам да се вклучат и други преработувачи и да им помогнат на земјоделците, а тие да си оставарат екстра профит.
Изјавата на Кристијан Балески, бренд-менаџер во „Тргопродукт“ за нивното искуство како активни учесници во проектот „Договорно производство на органска пиперка“ погледнете ја во видеото во продолжение:
„Брендот `MAMA’S` постои веќе 11-та година и сакавме оваа година да направиме некој исчекор, проширување на нашето портфолио. Органското како еден сегмент од премиум продукти излезе точно смислено дека ни треба еден таков продукт за да го прошириме нашето портфолио. Од страна на нашите странски партнери имавме побарување за органски производи, претходните години пробавме да направиме напори некој да посади, па да се направат органски ингредиенти, пиперки и зејтин. Зејтинот може и да се купи, но пиперките мора да бидат локални, од Македонија. Затоа проектот за Договорно производство на органска пиперка излезе во вистинскиот момент кога сакавме да го прошириме нашето портфолио и да одговориме на барањата на нашите странски купувачи.
11 години сме извосно ориентирана компанија којашто прави традиционални продукти. Брендот „MAMA’S“ е збир на традиционални продукти што се направени по рецептури од нашите мајки и се извезуваат во околу 50-на земји.
Најбитно е што во ајварот „MAMA’S“ има само четири ингредиенти, значи пиперка, модар патлиџан, морска сол и сончогледово масло, и тоа нѐ прави поразлични од сите други.
За да се направи еден премиум продукт, значи треба да влеземе во органското производство, каде што се бараат сертифицирани пиперки без употреба на пестициди и на тој начин да отидеме уште една скала напред во премиум производството на ајварот.
Искуството со земјоделците беше позитивно, сѐ што беше договорено беше испорачано, немавме никакви проблеми, анализи беа направени на сите продукти, сертификати за органско имаа сите кои донесоа пиперки кај нас. Минатата недела почна производството на органски ајвар кај нас. Органскиот ајвар што го произведовме со договорното производство оваа година ќе заврши на пазарите во Швајцарија, Германија и Франција. Тие се најпребирливите пазари во однос на храна и затоа бараа органски производ. Во идните години ќе го развиваме и ќе го шириме производството низ целиот свет.
Секако дека ќе се вклучиме во договорното производство и наредните години. Оваа година ни беше проблематичен зејтинот, бидејќи во Македонија нема производство на органски зејтин и се надевам дека некоја од компаниите ќе направи органски зејтин.
Задоволни сме од земјоделците кои ги предадоа органските пиперки кај нас. Цената беше однапред договорена, бидејќи тие луѓе имаа дополнителни инвестиции во органското, да направат конверзија, да произведат органски пипер, кој е потешко да се произведе од конвенционалниот, па така и ние како компанија си ја испочитувавме договорената цена и договорите што ги склучивме и сето тоа е веќе завршено за оваа годин“, рече Балески.

Годинава стартуваше проектот „Договорно производство на органска пиперка ајварка“ на иницијатива на Агротим, а во соработка со преработувачки капацитети, советничката за органско производство, Ангела Ѓеровска, и земјоделски производители од неколку региони.
Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.
