Овој занает во фамилијата на Томе Јакимовски (53) од кривопаланечкото село Станци, се негува како наследство од неговиот дедо. Покрај кулинарството кое му е главна дејност, Томе вели дека валавичарството му е во душата. Уште од мали нозе му помагал на неговиот татко и дедо околу валањето јамболии, а од пред некоја година и јоргани и ќебиња. Во работата му помага неговата сопруга 47 годишната Јасмина, која покрај обврските во селската продавница неуморно ги става огромните црвени, зелени, сиви и бели јамболии во валарницата.

При нашата посета ја затекнавме како со целата своја сила ги подига испраните јамболии и ги става на топлото сонце на огромните дрвени сушари.
„Тежок е овој занает, некогаш како што раскажуваше свекор ми имало пари од оваа работа, можело дури и да се заштеди. Кривопаланчани доаѓале кај нив да носат јамболии, натоварени на коњски коли, на магариња, во автомобили, по неколку пати во денот се носеле на валање. Го гледате какво е нашево место, угорница, тешко е да се стигни до овде , но сепак имало работа за разлика од сега кога работата е многу намалена“, раскажува Јасмина.
Таа секојдневно е на работа во сопствената продавница која се наоѓа веднаш до семејната куќа. Тука е и валарницата но и селската воденица. Вели луѓето денес, поретко се покриваат со јамболии, а изостанала и традицијата подот во куќата да биде покриен со оваа убава и квалитетна волнена прекривка.


– „Не можам да кажам дека работата ни е запрена, има луѓе кои сеуште носат јамболии иако цената, за оваа и не баш така лесна работа, е ниска. Еве на пример валањето на една јамболија чини 200 денари, иста е цената и за перење на јоргани, додека цената за поголемо ќебе е 150 денари, а за помало е само 5о денари“, ни појаснува оваа вредна кривопаланчанка.
Валарницата на Томе и Јасмина Јакимовски е позната кај кривопаланчани но и пошироко. Се наоѓа во село Станци кое се наоѓа на околу десеттина километри оддалечено од центарот на градот. Љубовта и меракот за оваа работа ги натерале сопствениците покрај убавата природа која е надалеку позната за кривопаланечкиот крај, местото да го уредат со парк, дрвени клупи и маси за седење, а интересно за посетителите е и т.н. „Бела лаѓа“ , која всушност е дрвен чамец во кој се сметени рачно изработени маса и клупи, каде посетителите на ова уникатно место доаѓаат да одморат во мирот и тишината на водата која тече од валарницата.


За своите гости вредната домаќинка подготвува разни традиционални специјалитети по единствени цени, така да овде можат да ви го понудат вкусното кривопаланечко гравче, зготвено во тенџере или земјена тава, чадено свинско месо, пастрмајлија, качамак, риба и компир под вршник или пак зелникот под вршник, кој е хит кај посетителите. Како десерт, може да добиете и стари гурабии, печена или варена тиква и варена пченка со шеќер.


-„За валање најдобар период е од средината на месец мај па се до крајот на октомври, имаме скеле, водата тече надолу и ги придвижува дрвените штици кои ја притискаат јамболијата и ја светнуваат како нова, водата од планинските извори доаѓа одозгора, ги вала јамболиите за што е потребно два дена а некогаш и повеќе зависи од волната од која е направена јамболијата. Откога ќе се извалаат јамболиите ги ставаме на цедење и ако има сонце сушењето оди брзо“, раскажува Јасмина.
Јамболиите, сите ние ги знаеме како нешто што го имале нашите прабаби, баби и мајки, во шифоњер, испрскани со нафталин за заштита од молци, распослани на под, на старите кревети, а нивната топлина најмногу се чувствува во студените зимски ноќи.
Во дворот на ова семејство има и воденица, чии сегашни ѕидови се изградени во 1938 година, од вредните раце на дедото на Томе, Благој. Подоцна Томе ја обновил и оттогаш тие ја одржуваат традицијата. Со автентичен изглед како сведок на некои минати времиња, не гибнати од забот на времето, со неколку воденичарски камења кои се вртат под притисок на водата.

-„Мелеме разно брашно какво ќе ни донесат, ‘ржено, пченично, а за мелење на 100 кг жито земаме 10 кг за нас. Гледате бело е околу нас, тоа така треба и да биде кога се мели житото. Овде доаѓаат да мелат жито од повеќе села во овој крај, а кога се мели се троши и каменот, па мора да се клепа“, објаснува Јасмина.
Сите случајни патници кои ќе ги привлече ритамот на воденицата кога е во погон, се добредојдени кај ова семејство. Освен што е ладно, брашното од воденицата на Јакимовски е и многу вкусно. А за вкусот на пројата од воденичарското брашно не треба да се раскажува, треба само да се проба.
