Тренинг центар за производство на квалитетно и безбедно млеко и месо ќе се отвори во селото Амзабегово во општина Свети Николе. Универзитетскиот професор Димитар Наков од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип појасни дека овој тренинг центар е значаен за практичната настава на студенти, а ќе почне да функционира до крајот на годината.
Тој посочи дека она што ќе се произведе нема да се продава, туку ќе има модерни мини погони, во кои што студентите ќе учат како практично се прави храната. Вклучени се и компаниите, кои ќе ги прифатат студентите на реални работни места и ќе им ги дадат потребните вештини, за веднаш по дипломирањето да бидат спремни за работа во прехранбената индустрија.
-Таму ќе направиме мини погон за преработка на млеко и мини погон за преработка на месо. Тоа нема да биде комерцијален објект, тоа ќе бидат тренинг центри, каде што ќе има опрема со највисоко ниво на дигитализација, каде што студентите ќе може да одат, да учат, да ги научат сите чекори во производството, во безбедно производство на млеко и месо. Станува збор за сериозни компании кои што потоа ќе ги прифатат студентите и на реалните работни позиции ќе успеат да им вградат во нивната едукација вештини, компетенции со кои тие по завршувањето на образовниот циклус ќе бидат подготвени дирекно да се вклучат во синџирот на производство на храна- изјави Наков.

Тој додаде дека Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип е во фаза на акредитација на две програми за доживотно учење.
-Тоа не се програми за образовние, туку програми за доживотно учење и една програма ќе биде за оператор во синџирот на производство на млеко и млечни производи, другиот оператор во синџирот на производство на месо. Започнаа активностите и се надевам дека ќе имаат добар тек- изјави Наков.
МИА

