Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска е домаќин на седмата студентска конференција под наслов „Критични прашања во земјоделството и животната средина“. Деканката на Земјоделски факултет-Штип, Емилија Арсов истакна дека конференцијата е можност студентите од сите три циклуси на студии, од факултетите во државата и од странство да ги презентираат своите истражувања.
-Зошто темата „Критични прашања во земјоделството и животната средина“? Живееме во време на предизвици во кое што сме сведоци дека ние сме тие кои што мораме да ги направиме промените, односно ние сме тие кои што мораме да се прилагодиме на условите кои што ни се наметнати. Климатските промени веќе не се тема која што е далеку од нас, туку е тема која што е блиско и која што всушност задира во секој сегмент од земјоделското производство. Производството на храна е една од најдинамичните области. Со сѐ друго можеме и можеме да се справиме, меѓутоа она што ни се предизвиците на дешниницата е всушност реалноста со која што науката и истражувањата мора да го заземат својот став-посочи Арсов.

Прашана за сеидбата на житните култура, која годинава доцни заради сушата, Арсов рече дека во вакви случаи науката е таа која што може да излезе во пресрет и да даде одговор на прашањето дека некогаш и одложената сеидба може да даде и подобри резултати и приноси.
– Сорти на испитување, кои се оние сорти кои што можеме да ги употребуваме во сеидбата се всушност едни од испитувањата на селекционерите и генетичарите, за да можеме да имаме подобри приноси. На крајот на денот најважно ни е каква храна јадеме и дали имаме ние доволна количина на храна да ги задоволи нашите потреби. Тоа се се прашања на кои еден човек не може да одговори- рече Арсов.
На конференцијата од прв циклус на студии пријавени се 19 студенти за презентирање на своите истражувања под менторство на професори, а втор и трет циклус има 16 кандидати. Универзитетскиот професор Димитар Наков вели дека имаат цел студентите да се стекнат со што повеќе знаење и вештини, за утре да бидат добри експерти и да можат успешно да работат во земјоделството и производството на храна.
-Ова само покажува дека нам студентите ни се во центарот на вниманието, работата на студентите и секако нивното напредување, добивање вештини, за да бидат стручњаци кои што на терен ќе реазлиираат производство на храна- рече Наков.
Студентите велат дека ваквите конференции се добра можност да го покажат она што го истражувале, да ги споделат своите знаења и да научат нешто ново. Сметаат дека на овој начин придонесуваат и за развојот на науката и струката.
МИА

