Граѓаните на Општина Струмица се меѓу најактивните корисници на Програмата „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Македонија“. Според податоците на Фондот за зелено финансирање (GFF), во првите три квартали од 2026 година струмичани учествувале со околу една четвртина во вкупниот број апликанти на национално ниво, соопштија од локалната самоуправа.
Се наведува дека бројот на апликанти од Струмица бил 27 во првиот квартал, од вкупно 104 апликанти (26%), 33 во вториот, од вкупно 131 (25,2%) и 10 во третиот квартал од вкупно 40 апликанти (25%).
-Градоначалникот Петар Јанков и Општина Струмица, во соработка и со поддршка од УНДП и Фондот за зелено финансирање, ги поддржаа можностите за примена на одржливи енергетски решенија во домаќинствата, што ги нудеше овој Фонд за зелено финансирање. Високото учество на граѓаните е охрабрувачки показател и е во согласност со заложбите на локалната самоуправа за поздрава и почиста животна средина, намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на животот, стои во соопштението.
Се додава дека градоначалникот и надлежните служби и во наредниот период ќе поддржуваат вакви инструменти за поддршка на иницијативи за поздрава животна средина и зелени инвестиции.
Инаку, апликациите се однесуваат на набавка на енергетско ефикасна опрема, соларни панели или колектори, топлински пумпи, изолација на објекти и нови системи за затоплување.
МИА

