Овие вкусни и лесни плескавици од тиквички и туна се одличен избор за лесен летен ручек или вечера. Едноставни се за подготовка, сочни и меки однатре, а убаво запечени и крцкави однадвор.
Состојки:
- 300 г тиквички
- 80 г туна од конзерва
- 70 г рендано сирење
- 1 јајце
- 100 г лебни трошки
- 1 лажица брашно
- сув зачин
- бибер
- свеж магдонос
- масло за пржење
Начин на подготовка:
Тиквичките излупете ги, исечете ги на коцки и сварете ги, по можност на пареа. Оставете ги да се изладат, а потоа изгмечете ги.
Во изгмечените тиквички додајте ја исцедената туна, ренданото сирење, лебните трошки, брашното, јајцето и ситно сечканиот магдонос. Зачинете со сув зачин и бибер, па добро измешајте. Доколку е потребно, додајте малку сол. Од подготвената смеса обликувајте плескавици и секоја од нив извалкајте ја во лебни трошки. Загрејте масло во тава и пржете ги плескавиците од двете страни додека не добијат златно-кафеава боја.
Испржените плескавици ставете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот масло. Плескавиците од тиквички и туна послужете ги топли, со варени млади компири и лесен сос од свеж магдонос. Тие се одличен избор за вкусен и лесен летен оброк.
МИА
