Јапонија го потврди првиот случај на птичји грип оваа сезона, на живинарска фарма во префектурата Кјото каде што по потврдата на заразата започна уништување на околу 200 илјади кокошки.
Владата во Токио соопшти дека вирусот усмртил 14 птици на фарма во градот Камеока.
Министерството за земјоделство упати повик до живинарските фарми строго да ги почитуваат хигиенските мерки, додека министерот за земјоделство, Арата Такебе, предупреди дека епидемијата може да се појави во кој било дел од земјата.
Такебе ги повика фармите навреме да ја откриваат заразата, без одложување да ги известуваат надлежните и доследно да ги применуваат хигиенските мерки.
Според податоците на Министерството, просечната цена на пакување од десет јајца во Јапонија во октомври изнесувала 1,76 евра, што е највисоко ниво откако почнало следењето на цените во 2003 година.
Министерот предупреди дека ширењето на птичјиот грип може дополнително да ги зголеми цените на јајцата кон крајот на годината, кога побарувачката е голема. Тој најави дека ќе бидат преземени мерки за спречување на ширењето на заразата и избегнување нарушувања во снабдувањето.
МИА

