За тиквите како корисни есенски плодови сме пишувале многу пати, а секако и за семките од тиква кои се вистинско богатство од супстанци корисни за здравјето на луѓето. Кај нас речиси и да нема куќа на село што нема посадено барем неколку корења тикви, а овој пат и за можноста да се егзистира од ова производство.

Јосиф Јосифовски од село Кравари, се занимава со одгледување на тикви исклучиво поради семките и тоа е негова основна егзистенција. За прв пат го запознавме на битолскиот пазар. Почнувајќи од септември па се до март, Јосиф не пропушта пазарен ден. Тој секој вторник и петок продава семки, а купувачите добро го познаваат.
„Добро ми оди продажбата, не памтам некогаш да не сум ги продал семките што сум ги донесол, напротив, понекогаш се случува и да има поголема побарувачка од она што го имам за продавање“ – раскажува Јосиф.

Решивме да го посетиме овој вреден земјоделец кој живее на само 4 километри од Битола, во село Кравари. Во неговиот двор наидовме на „море“ од тикви. Вистинска есенска раскошна убавина. Пред повеќе од 15 години Јосиф останал без работа и веднаш се одлучил да се занимава со земјоделство. Започнал со житни култури но секоја година имал проблем со пласманот. Така пред 10 години започнал да одгледува тикви и тоа исклучиво на оние сорти кои не се вкусни за јадење но имаат убави семки. Првото семе го купил од Турција, а од тогаш па до ден денес самиот произведува семе.


„Имам проблем бидејќи ако се користи исто семе секоја година тогаш треба да се менува површината која ќе се засее, но јас немам таква можност. Не можам да ви кажам точно за која сорта се работи бидејќи со текот на годините се измелезиле, па и сами можете да видите дека ги има рзлични – вели Јосиф за Агротим.

Јосиф и неговата сопруга Бети денес прозведуваат околу 60 тона тикви годишно, на 4 хектари обработлива површина која се наоѓа во атарот на селото Егри. Имаат и механизација за обработка на почвата, ги прихрануваат само на почетокот на сезоната и имаат добар род. Велат дека родот зависи од годината, ете оваа година има нешто помалку од лани поради сушата, но во секој случај приносот е добар. Тиквите, поточно продажбата на семки од тиква е нивна основна егзистенција.

„Задоволен сум од продажбата, имам редовни муштерии. Најголемиот дел од семките го продавам на пазар, но имам и купувачи од Скопје кои бараат поголеми количини, па почнав да соработувам и со нив. За разлика од кај нас, на пример во Хрватска и Холандија има оганизиран откуп на семки од страна на фармацевстката индустрија бидејќи семките имаат многу корисни супстанци за здравјето на луѓето. Кај нас за жал такво нешто нема и морам сам да се снаоѓам, но повторно ќе кажам дека и покрај се задоволен сум од она што го заработувам“ – раскажува Јосиф.

Вели дека најтешко од се е вадењето на семките од тиквите. Тој и неговата сопруга тоа го прават рачно. Почнувајќи од септември па се до март чистат речиси секојдневно. Тиквите ги чуваат надвор, а во студените зими ги покриваат за да ги заштитат. „Оваа работа може да се прави со помош на машини но тие се многу скапи, дури до 30 000 евра, а тоа барем за сега не можам да си го дозволам. “- вели Јосиф
Овие тикви иако не се вкусни за јадење, сепак се многу здрава храна за добитокот. Но Јосиф решил нив да не ги продава ,туку ги поклонува.

„Имам пријатели кои одгледуваат прасиња и друг добиток. Доаѓаат тука и ги земаат тиквите, нив им се многу корисни, а мене не ми требаат повеќе. Речиси сите во селото и во околината знаат дека од кај мене можат да земат здрава и бесплатна храна за стоката“- скромно раскажува Јосиф.
За крај Јосиф ни кажа дека планира и во иднина да продолжи да се занимава со одгледување на тикви и продажба на семки. „Кога би имал можност би засеал поголеми површини. Би сакал да можам да земам под закуп државно земјиште на подолг период и со тоа ќе произведувам повеќе. Добро би било кога би имало и некој организиран откуп, но како ќе биде, ќе видиме важно е дека јас не се откажувам“


Јас имам изум за вадење семки со помош на прахосмукалка и канта со капак во која се добива циклон на воздух и семките остануваат во кантата може да ме контактира секој 070 613 625 Николчо Пехчево