Тартуфите се печурки кои се наоѓаат под земја на длабочина од 10 до 30 см, што го отежнува нивното пронаоѓање во природата за разлика од другите печурки. Мора да бидат откопани од професионални лица, а начинот на нивното вадење од почвата мора да е прецизен и внимателен.
Компанијата „ЕВАЛ“ со долги години работа и посветеност успеала тартуфарството да го претвори во успешен бизнис, а за предизвиците со кои се соочувале на патот кон успехот разговараме со генералната менаџерка на компанијата, Валентина Митрова, која ни ја раскажа интересната и успешна приказна за брендот „ТУФ“.
„Нашата фирма е основана пред една година, иако со тартуфарството се занимаваме 12 години, како заокружување на целиот наш семеен труд, упорната работа, учењето, истражувањето… За да се биде успешен во оваа работа, потребни се многу големи вложувања, од секој аспект, не само како финансии, туку и како едукација, тренинг, пренесување на странски искуства, соработка со стручни лица и наука. Ние го поминавме тој процес и денес, можам гордо да кажам дека сме првите производители на производи од македонски тартуф и првите кои го започнавме процесот на потрага, собирање од шумите и негова преработка, како краен производ, кој се наоѓа на полиците на маркетите.“
Тартуфите живеат во симбиоза со корењата на дрвјата, така што нивното внимателно откопување дозволува коренот на дрвото да се обнови, а од останатите спори на тартуфите, за одреден временски период да се родат нови тартуфи на истото место. При процесот на трагање се користат добро истренирани кучиња-трагачи и нема потреба од специфична технологија. Митрова ни откри како „се случил“ првиот македонски тартуф.
„Ако се присетам, беше одамна кога се запознавме со наши пријатели од Италија и Франција, кои имаа хоби собирање на тартуфи. Тоа беше првата средба со светот на тартуфите, а тие се толку импресивни, како дар од природата, што не беше потребно многу, да се јави љубопитноста и желбата, мојот сопруг да тргне во потрага по македонските шуми, со желба истото богатство да го најде и кај нас. Така се случи првиот македонски тартуф. Но, за да се најде беше потребно и инвестиција во куче трагач на тартуфи, кое го купивме од Италија. Кучето Берта, стана нашиот нов член на семејството, и со неа поминавме долг процес на дресура, за да стигне до многу пехари на национални изложби со своето врвно педигре. Потоа, парењето на Берта со исто расно италијанско куче, овозможи да се зголеми бројот на нејзините наследници, кои се подготвуваат и тренираат за откопувањето на тартуфот. Со зголемувањето на количината на тартуфи во домот, дојдов до идеја да подготвам некои специјалитети со нив и започнав да барам рецепти и помош и од Англија, Италија, Иран, кои се многу понапред со цели научни теми за оваа област.“
За да создадат добар производ биле потребни пет години соработка, собирање знаења, разменување искуства.
„Морам да забележам дека соработувам и со наши професори. Околу пет години ми беа потребни да создадам добар производ, зошто за него е потребно многу знаење, бидејќи се работи за многу специфичен процес и суровина, како што е тартуфот. Но, желбата да се создаде ваков производ беше посилна. Првиот производ ми беше тартуфи во маслиново масло, потоа намаз од маслинки со тартуф, шампињони итн. Така, сонот за компанија и бизнис со тартуфите, започна да се остварува. Со постојаниот технолошки напредок во производството, се усовршуваме и секој ден се трудам да направам нешто ново и иновативно. Морам да кажам и тоа, дека за отворањето на фирмата, ни беше потребно да поминеме низ долг временски период, од причина што за вакви производи немаме регулатива. Фирмата е за обработка на тартуфи и производство на најразличен тип на производи што содржат тартуф. Среќна сум што го остварив мојот сон, да создадам производи кои ќе ги подарам на луѓето, со што ќе направам добро за нивното здравје.“, вели Митрова.
Тартуфите ТУФ се исклучително од македонско поднебје и со многу добар квалитет.
„Тартуфите се само од македонските шуми во планините. Тоа е нашата заложба, да го откриеме и подариме на луѓето овој скапоцен гурмански дијамант, затоа што е полезен за нивното здравје. Да покажеме дека на македонското поднебје има и тартуфи и тоа со многу добар квалитет. Тартуфите може да се најдат низ целата држава, но се тешки за пронаоѓање бидејќи растат од десет до 30 сантриметри длабоко во почвата, под одредени видови дрвја. До нив се стигнува само со добро истренираните кучиња-трагачи. Тие го откриваат и откопуваат тартуфот, но треба на правилен начин, за да остане неоштетен.
Митрова ни откри и нешто повеќе за кучињата трагачи.
„Имаме 7 обучени трагачи, но и одгледувачница на кучиња, пријавена, одобрена и сертифицирана во Брисел. Ниту едно од нив не е во крвно сродство, туку се од разни држави, Швајцарија, Грција, Италија, Франција, Иран. Одгледувачницата е по сите светски стандарди, за оваа работа, проверена од инспектори од Брисел, кои доаѓаат и прават строги контроли. Тие дадоа највисоки оценки за нашата одгледувачница и беа изненадени од тоа дека кај нас постои толку професионално направена, по сите стандарди. Без да имате добар тим од кучиња, не можете да очекувате дека ќе обезбедите количини и ќе може сериозно да се занимавате со тартуфарството. Но, со кучиња, врвни трагачи, кои единствено тоа го прават најдобро, е возможно. Нашите се професионално обучени од расата лагото ромањоло и кокер-шпаниел. Може да се користат и останати раси на кучиња со исклучително добро сетило за мирис, како на пример спрингер шпаниел, бигл, лабрадор ретривер, и други. За нивната обука и тренинг е одговорен Тони, кој е лиценциран тартуфар и пронаоѓач на ваков тип печурки и има повеќегодишно искуство.“
Тартуфите се бараат во сезони. Секоја сезона носи нов предизвик, бидејќи количината која ќе се најде зависи од повеќе фактори и од тоа каква е годината. Тартуфите, кои се исклучително ретки печурки, растат на специфичен начин и на одредени места, изобилуваат со минерали како калиум, натриум и фосфор, го штитат здравјето на срцето и целокупниот кардиоваскуларен систем. Во ЕВАЛ користат црн тартуф, tuber aestivum, tuber uncinatum, tuber Borchi, tuber melasporum.
„Преработуваме и правиме производи. Имаме широка палета на производи, свеж тартуф или во најразлични комбинации. Нашите уникатни производи се направени по домашни рецепти. Тоа се маслото за јадење со арома и свежи тартуфи, сол и црн бибер со сув тартуф, сецкан тартуф во ладно цедено сончогледово масло, мелен тартуф во ладно цедено сончогледово масло, намаз од тартуф и маслинки, цветен органски мед со тартуф, биено овчо сирење со тартуф, намаз со тартуф, буковка и маслинки, џем од тартуф со јагоди, џем од тартуф со шумско овошје, ајвар со тартуф, путер со тартуф и многу останати иновативни рецепти од нашиот асортиман, како слатко со лути пиперки, сушен тартуф, го продаваме сушениот тартуф и како чај, кој многу е полезен за здравјето, потоа чист сушен тартуф, сушен тартуф со крупна сол, сушен тартуф со палента, со ориз, ова се производите под брендот „ТУФ“.
Тартуфот е вистински деликатес за гурманите. Оваа карактеристична печурка со специфичен вкус и арома е совршена за многу јадења, и им дава посебен вкус.
„Нашите производи може да се употребат во безброј кулинарски рецепти и со нивниот вкус и прекрасни ароми, чистота и свежина, кои произлегуваат од уникатноста на сончевото македонско поднебје, се навистина уникатни. Особено што се приготвуваат со едноставен процес на конзервација, кој овозможува да се зачуваат најдрагоцените состојќи на тартуфот, за да бидат најполезни за здравјето. Тартуфите, од свежите до оние кои се преработени во нашите производи, се толку инспиративни и со нив може да се направат врвни специјалитети. Морам да споменам дека, ако редовно се внесуваат во организмот, тие влијаат на имунитетот, а да не заборавам да споменам и дека подмладуваат и се вистински еликсир на младоста.“, ни открива Митрова.
Се верува дека со консумирањето тартуфи се подобрува расположението, а на некои од нив им се препишуваат и афродизијачки својства. Тартуфот е добар чувар на здравјето и помага при низа заболувања, како: вируси, грип, алергии артритис, астма бронхитис, егзема хепатитис, херпес, ревматизам, стерилитет кај жените, миоми. Затоа им го препорачувам на сите, едноставно да го искористиме она што ни го подарила природата.“
Во моментов компанијата работи како мал семеен бизнис со голем потенцијал за негово понатамошно развивање и проширување, како на нашето поднебје, така и на странскиот пазар. Брендот ТУФ, веќе е на полицита на маркетите „Тинекс“, а од неодамна е дел и од Алијансата на „Премиум производи“, во која се вклучени 18 мали производители, поддржани од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
„Оваа поддршка многу ни значи. Нашите планови се амбициозни. Освен што сме застапени на повеќе локации, елитни ресторани и хотели низ државата, работиме и на освојување на странски пазари. Промоцијата е важен дел од нашата стратегија за развој, затоа во изминатиот период производите беа изложени и на многу саеми за кулинарство и здрава храна, меѓу кои: Третиот и Четвртиот меѓународен саем на органски и традиционални производи „ОРГАНСКА ТРПЕЗА“ во Куманово, Slow Food Салон 2019, Skopje Wine Salon- Vinodonia 2018, Vinodonia 2019, 2022. Потоа, пазарите во Јавна соба, организирани од Слоу фуд и нивни соработници, и многу други манифестации. Постојано добивам покани за гостувања во разни емисии и настани, што особено ме радува, бидејќи го потврдува нашиот успех со квалитетни производи. Среќна сум што нашата семејна бизнис приказна им се допаѓа на луѓето и што секој ден се зголемува бројот на купувачи, кои го внесуваат нашиот производ на нивната трпеза и во својата исхрана. Нашата најголема среќа е ако направиме тие да бидат среќни, витални, полни со здравје и енергија и да имаат долг живот.“
Напишете коментар