Проектот „Жените пчелари како двигатели на позитивни промени во Северна Македонија“, финансиран од Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија, а спроведуван од АДРА Словенија и АДРА Македонија, бил во фокусот на разговорот меѓу градоначалникот на Струмица, Петар Јанков и амбасадорот на Словенија во земјава, Грегор Прескар.
Проектот, како што соопштија од Општината, има за цел да придонесе кон зајакнување на жените и младите во руралните средини, развој на органското пчеларство и создавање нови можности за економско јакнење и одржлив развој на руралните заедници.
-Предвидени се обуки и поддршка во областа на органското пчеларство, подготовка, продажба и маркетинг на мед и пчелни производи, како и активности за развој на женското претприемништво. Како дел од проектот е предвидено и формирање медоносен пчелен парк за едукативни цели, стои во соопштението.
На средбата било истакнато значењето на меѓуинституционалната и меѓународната соработка во поддршката на руралниот развој, одржливото земјоделство и создавањето нови можности за жените и младите.
Во соопштението се додава дека градоначалникот Јанков изразил подготвеност за продолжување на соработката со Амбасадата на Република Словенија и партнерите во проекти кои придонесуваат за одржлив локален и рурален развој и јакнење на локалната заедница.
Општина Струмица
