Амбасадата на Република Италија и Агенцијата ITA во Скопје од 16 до 26 ноември ќе ја организираат XI Недела на италијанската кујна во светот, годинава посветена на италијанското гастрономско наследство како нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Под мотото „Италијанската кујна како нематеријално културно наследство на УНЕСКО: територии и врвни производствени процеси“, манифестацијата ќе ја претстави регионалната разновидност на италијанската гастрономија, нејзината поврзаност со културниот идентитет и локалните традиции.
Како што информираат организаторите, впишувањето на италијанската кујна на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО е признание за традиција што ги надминува границите на гастрономијата и претставува начин на живот, семејно наследство и знаење што се пренесува од генерација на генерација.
Во рамки на манифестацијата во земјава ќе се одржат повеќе гастрономски и едукативни настани, преку кои публиката ќе има можност да се запознае со италијанските регионални традиции, современите кулинарски техники и автентичните производи.

Програмата ќе започне на 16 ноември во F&J Culinary School со мастерклас за современа ломбардиска кујна, кој ќе го одржи шеф Фарук Незири, наменет за професионални готвачи. На 17 ноември, во СУГС „Лазар Танев“, тој ќе одржи работилница за учениците и професорите, посветена на гастрономската традиција и современите техники на италијанскиот регион Ломбардија.
На 21 ноември, во соработка со ВЕРО, во супермаркетот Веро Тафталиџе ќе се одржи презентација и дегустација на италијански производи под мотото „Италијански вкус во Веро – врвниот италијански квалитет во твојот супермаркет“.
Завршниот настан е предвиден за 26 ноември во Coffee Factory на улица Македонија, каде во соработка со Lavazza ќе се одржи мастеркласот „Приказни за Италија“. Преку аромите, вкусовите и различните мешавини на италијанското кафе, учесниците ќе имаат можност да ја запознаат кафе-културата на Италија и нејзината поврзаност со секојдневниот живот и традициите на италијанските градови.
Организаторите посочуваат дека Неделата на италијанската кујна ја истакнува гастрономијата како мост за културно поврзување меѓу Италија и Северна Македонија, кои споделуваат вредности како почитта кон локалните производи, традиционалните рецепти, семејната трпеза и гостопримството.
Преку ваквите активности, како што нагласуваат организаторите, се придонесува за продлабочување на културната размена и пријателските врски меѓу двете земји.
Амбасада на Италија

