„Сакавме нашите деца да јадат здрава, нетретирана храна и да ги чувствуваат вкусовите на зеленчукот и овошјето што ги памтиме од детството. Не сакавме ниту да го нарушуваме квалитетот на земјиштето со користење на минерални ѓубрива и колку можеме да го одржуваме биодиверзитетот, барем на сопственото земјиште. Тоа беа причините поради кои се одлучивме за органско производство, кое веќе десет години го развиваме овде во Сопот“.

На Еко домаќинството на д-р Чупиќ се занимаваат со производство и преработка на органско овошје и зеленчук. Таму, на имотот под Космај, заедно со нивните пет деца Петра (9), Милица (7,5), Јован (6), Анѓелија (3,5) и Илија, кој наскоро ќе наполни една година, живеат според сите постулати на органското производство, што е и специфична филозофија на животот. Човекот таму е во склад со природата и работи според нејзините закони. Со текот на времето, трпението се исплатува, па таа го наградува со здрави плодови.
Ана е носител на сертифицираното органско домаќинство, по професија е општ лекар на специјалистички студии на Медицинскиот факултет (модул Исхрана).
„Јас сум по професија доктор на медицина, специјалист за исхрана, а сопругот е докторант на Сообраќајниот факултет, па сме двајца доктори во семејството. Докторите се сложуваат за тие научни работи кои имав прилика да ги прочитам и со кои имав можност да се сретнам, се на страна на органската храна, не толку по прашањето на минералните состојки и по прашање на витамините, тоа зависи од многу фактори, туку по прашањето за ризикот од пестициди, тешки метали и слично.“, вели Ана.

И таа и нејзиниот сопруг Александар се од Прокупље. Ги споила љубовта и Белград каде што заедно учеле и каде што се запознале. Пред десетина години донеле животна одлука, а сега се покажало дека е вистинска – да го заменат животот во главниот град со помало место.
„Имотот го купивме во 2011 година. Не го планиравме Сопот, случајно се најдовме на овој простор. Видовме бројни предности, блиску е до Белград, што ни беше важно бидејќи и двајцата работевме во Белград, природата е прекрасна, општината е прекрасно уредена и многу ни се допадна имотот. Тогаш со куќата купивме 2,6 хектари земјиште. Во меѓувреме купивме повеќе земјиште, па сега имаме околу 3,7 хектари. Во Сопот не почувствувавме никакви недостатоци на градскиот живот. Напротив, со преселбата добивме многу, голем двор, можност да произведуваме храна и да уживаме во природата заедно со нашите деца секој ден, а не само за време на викендот“, вели д-р Ана Чупиќ во разговор за Плодна земја.
Иако имаат своја професионална кариера, и Ана и Александар работат на имотот. Ги усогласуваат обврските и семејните и деловните, а работите околу земјиштето се поделени. Ана се занимава со здравјето на растенијата, луѓето и животните, додека нејзиниот сопруг е задолжен за пласман на производите. Секако дека има потреба и од дополнителна работна сила, која ја ангажираат по потреба.
Органското производство е специфично затоа што мора да има следливост на семето, што е најдобро да е од сопствено производство, па сѐ до крајниот производ.
„Во текот на тој период не смееме да користиме синтетички пестициди и минерални ѓубрива, така што и семето и сѐ после тоа не смее да биде третирано. Затоа во пластеникот секогаш оставам необрани производи и потоа од семињата правам садници. Семето се сее во контејнер за сеидба во ситна почва предвидена за таа намена. Се одржува температурата на почвата која е важна за ртење на семето и која е специфична за секоја култура. По ртењето потребно е да се намали температурата и понатамошната грижа вклучува секојдневно наводнување. Некои култури треба да се пресадат во поголеми садови за време на растот за да имаат повеќе хранливи материи, тоа е пикирање, а некои не.
Ана вели дека не советува да се прави од хибридни сорти, бидејќи и покрај тоа што се добива производ, никогаш не ги има сите својства што ги имал по првото садење. Затоа сопственото семе од сортниот асортиман е најдобро.
„Ние користиме сортни семиња, ако семето на растение посеано од хибридно семе го оставите за следната година, новото растение следната година нема да ги има истите карактеристики како матичното растение. Сортата има можност исто да се репродуцира.“
За семките од пиперката, Ана посочува дека мора да се внимава ако пиперката се остави за расад и има повеќе различни сорти, меѓу кои и лути, може да дојде до вкрстено оплодување, па следната година сите пиперки да бидат лути. Пиперката го сака арското ѓубриво, секогаш е на прво место во органскиот плодоред, односно првото засадување по ѓубрењето со арско ѓубре, бара убаво обработена почва и често наводнување. И доматот е култура која е на прво место во органскиот плодоред, сака иситнета почва, повеќе му одговара поретко навдоднување со поголеми количества вода, со оглед на тоа што за разлика од пиперката има поголем и појак корен.
„Секоја година воведуваме нова култура, која дотогаш не сме ја одгледувале. Ако ја совладаме таа култура, следната година воведуваме нова. Минатата година тоа беа зелка и јагоди. Ни останува да го совладаме одгледувањето на јагоди, а во план е и целер.“
Најголем дел од производството на Еко домаќинството на д-р Чупиќ е во оранжериите каде што многу се почитува плодоредот. Предноста на одгледувањето во оранжерии се контролираните услови на производство. Во една од оранжериите во зима и рана пролет имаа зелена салата, ротквици, млад кромид и лук, рукола и блитва. Сега таму се садат тиквички, боранија, зелка и модар патлиџан, а во другата оранжерија имало спанаќ, грашок и келераба.

„За органско производство многу е важно да се почитува плодоредот и да се одржува оранжеријата колку што може без трева. Плодоредот на културите и плевењето им отежнуваат на инсектите да се населат и да преживеат во текот на зимата, па следната година ќе ги има во помал број или подоцна, доволно доцна за растенијата да зајакнат и да можат да се одбранат. Предноста на плодоредот е што постоечката култура ги извлекува хранливите материи што и се потребни од почвата, па погрешно е да се сеат исти култури“, објаснува д-р Александар.
Посебно внимание во пластеникот се посветува на наводнување на зеленчукот. Фолијата што се става на земја служи за да се осигура дека растението нема конкуренција од плевелите, а исто така и да ја задржи влагата. Затоа се избегнува висока влажност, така што пластеникот е проветрен, а тоа се постигнува со странично проветрување.

Сите производи на ова домаќинство се продаваат под брендот „dr orgAna“ во продавниците за органски производи во Белград и директна достава до прагот. Препораката на оние кои го консумирале зеленчукот и овошјето „dr orgAna“ е најдобриот маркетинг. Затоа имаат сѐ повеќе и повеќе работа. Вишокот се преработува во зимница подготвена по традиционален рецепт и се продава во текот на зимата кога немаат толку многу свежо овошје и зеленчук во понудата.

Сопружниците Чупиќ се расположени да ги обучат сите заинтересирани за органско производство. Тие се едни од основачите на првата функционална органска задруга која обединува повеќе органски производители и нивната цел е да остварат директен контакт помеѓу производителите и клиентите.
„Се стремиме нашата Еко куќа да биде место за одмор, каде што ќе можете да добивате здравствени совети поврзани со здрава исхрана и диета. Ние не сме само одгледувачи на зеленчук, сигурно има подобри одгледувачи на зеленчук и луѓе кои работат со поголеми количини, но нема толку многу органски производители кои се доктори“.

Извор: plodnazemlja.com
