Почитувани земјоделци, во пресрет на отпочнувањето на поднесувањето на барањата за директни плаќања за 2026 година, сакаме да ве информираме за тековните активности што ги спроведуваат надлежните институции со цел создавање услови за успешно поднесување на барањата за финансиска поддршка.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, работи на финализирање на надграденото електронско решение за поднесување на барањата, со цел да обезбеди сигурен, ефикасен и транспарентен процес за сите корисници.
Истовремено, во тек се активности за ажурирање и усогласување на податоците во релевантните регистри, вклучително и податоците поврзани со идентификацијата и евиденцијата на животните. За нас е исклучително важно процесот да започне со целосни и точни податоци, со што ќе се избегнат дополнителни корекции и административни оптоварувања за самите земјоделци.
Дополнително, Агенцијата веќе ги обезбеди сателитските снимки за целата територија на Република Македонија и располага со современи алатки за мониторинг на земјоделските површини. Овие алатки овозможуваат значително подобра подготовка, целосен увид и проверка на податоците пред отпочнувањето на процесот на аплицирање и во тек на самиот процес на поднесување на барањата..
Како институција, партнер на земјоделците, сакаме јасно порачаме дека нема причина за загриженост. На ниту еден земјоделец нема да му биде ускратено правото да аплицира за субвенции по Програмата за директни плаќања за 2026 година. Ќе биде обезбеден соодветен рок за поднесување на барањата, за што јавноста ќе биде навремено и соодветно информирана преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и преку средствата за јавно информирање.
Нашата цел не е само да го отвориме системот што е можно побрзо, туку да обезбедиме процес кој ќе биде заснован на точни и релевантни податоци, фер и во интерес на сите корисници на мерките за директна поддршка.
Ви благодариме за трпението и довербата
Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој
