Во март годинава Владата ја усвои Програмата за Интервентниот фонд во земјоделството, „тешка“ четири милиони евра која, како што образложи тогаш министерот Николовски, нема никаква врска со останатите редовни програми за директни плаќања. Од Фондот, 120 милиони денари или околу два милиона евра се за субвенционирање на трошоците за ѓубрива, но дополнителни средства има и за одгледувачите на јагниња и свињи.
-Добро е што е формиран овој Фонд, кој е сериoзен инструмент за справување со кризни состојби како оваа. Дел од мерките на политиките се поддржуваат од него и треба да дадат позитивни резултати, но ефектите допрва ќе треба да се измерат и оценат, смета професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Претседателката на НФФ, Васка Мојсовска оценува дека Интервентниот фонд им помогна на поледелците во делот на одржување на насадите со јачмен и пченица.
-Но, ситуацијата на терен покажува дека со поскапување на инпутите, производство на пченица оваа година е со многу висока цена, а откупната цена која ја даваат млинарите е многу ниска и изнесува 18 денари за килограм. За да опстанат овие култури и есенската сеидба да биде реализирана, треба да има дополнителна поддршка, вели Мојсовска.
И Агро бизнис комората се согласува дека Интервентниот фонд имаше значајно позитивно влијание зашто помогна во покривање на трошоците за репроматеријали и ѓубрива.
-Сепак, оваа мерка беше задоцнета. Во земјоделството, процесот е организиран во циклуси кои не може да се одложуваат, така што ако не ги добиете навреме средствата за да купите тоа што е потребно, на пример некој препарат за прихрана, времето ќе помине, подоцна не може да се аплицира и на крајот, тоа се одразува врз приносот, нагласува претседателот на Комората, Ѓорѓиевски.
Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија не гледа конкретни ефекти од Интервентниот фонд.
-Одредени сегменти од агросекторот досега не беа опфатени со мерките на Интервентниот фонд, па во таа смисла во овој момент не би можеле да се презентираат конкретни ефекти. Има најава дека со ребалансот на Буџетот се обезбедени средства за исплата на заостанатите субвенции и тоа може да делува во насока на ублажување на состојбите. Истовремено, со уште позасилено темпо почнува реализацијата на програмите за државна поддршка за зголемување на сточниот фонд, доделување земјиште на сточари за сопствено производствена сточна храна. Во меѓувреме, итно треба да се забрани извоз на житарки кои се употребуваат како сточна храна (пченка, јачмен), како и луцерка. Не се јасни причините зошто и овие култури не беа опфатени покрај пченицата со мерките за забрана за извоз, посочуваат од Здружението.