Галичник е село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Се наоѓа на падините на планината Бистра, во срцето на регионот на мијачкиот крај, во пределот Мала Река, на 16 километри до Маврово и Мавровско Езеро и 12 километри до ски-центарот „Заре Лазарески“. Најблиска градска населба до селото е градот Гостивар, од кој е оддалечено 45 километри. Се наоѓа на надморска височина од 1270 до 1500 метри и е опкружен со пасишта. Познато е по „Галичката свадба“, традиционална и јавна летна свадба, што се одржува секоја година на селската слава – Петровден. За време на свадбата, се игра „Тешкото“ оро – што го симболизира надминувањето на тешкотиите во животот.

Како селото Галичник го добило името
Првата варијанта за потеклото на името „Галичник“ вели дека тоа е изведено од името на реката Галик која тече близу до Солун. Втората варијанта вели дека тоа е наречено Галичник по големиот број на „диви кокошки“ – галици, кои живееле на месноста над сегашната црква Св. Петар и Павле, која има јужна диспозиција.
Настанување на селото
Најстарите сознанија за настанувањето на Галичник датираат од X век и почетокот на XI век. Се смета за едно од најстарите села во мијачкиот предел. Првиот период на селото е карактеризиран со мешање на Влашки семејства со Македонци со словенска култура. Престојувањето на Власите во мијачкиот предел го потврдуваат некои топоними од околината на Галичник, како и презимињата на некои од денешните галички семејства: Куцулоски, Гугулоски, Кипроски.
Вториот период на Галичник е турското владеење. Иако имало обиди за исламизирање на населението, тоа останало христијанско, во голема мера благодарение на предводништвото на Томо Томоски. Томо Томоски е најпознатиот првенец на селото на преминот од XVII кон XVII век. Заради експанзијата на немакедонското население во денешна Албанија, што и било поттикнувано од турската власт, во Галичник од XV до XVIII век постои континуирано доселуваање.

Балканските војни делувале негативно на овчарството, затоа што со грчката окупација било оневозможено зимување на овците во Егејска Македонија. Сепак, оваа дејност, почнала да стагнира уште во XIX век. Сè поголем дел од мажите оделе на печалба, каде се специјализирале во разни занаети: млекарство, пекарство, слаткарство итн. Во 30-те години на XX век, галичките печалбари веќе имале насобрано големо богатство, а некои од нив биле и милионери во тогашни американски долари. Пример за вакви успешни стопанственици биле Васе Чоланчески, Софре Лоноски, Аврам Лоноски и Огнен Алаутоски.

Во куќата на Трајан и Ристе Поповски, бил одржан првиот состанок на галичката ќелија на Комунистичката партија на Југославија. Одржувањето било на 20 април 1942 година, во присуство на членот на Покраинскиот комитет на КПЈ, Кузман Јосифовски – Питу.
Денеска, Галичник е само туристичко одредиште, бидејќи месните жители одамна го имаат напуштено како трајно живеалиште. Повеќето од нив се враќаат да ги реновираат старите семејни куќи и да ги искористат како прибежиште за одмор од летните жештини. Интересно е да се забележи дека официјалниот број на жители на Галичник, преку зима е еден жител.

Галички кашкавал и бело сирење
Галичник е ценет по квалитетниот галички кашкавал, како и поради белото сирење. Галичник е познат и по локалната традиционална архитектура, летната Галичка уметничка колонија, како и поради околната недопрена природа.

Архитектура
Архитектурата е една од главните обележја на Галичник. Стрмниот и амфитеатрален терен е искористен за изградба на камени куќи врз изохипсите на теренот. Куќите имаат форма на кубус со благ пирамидален кров. Безбедноста и функционалноста биле главни фактори во изградбата. Куќите се градени на две, а подоцна и на три катни висини. Првата катна висина е т.н. трем – штала за добиток и два кледа, кои претставувале темни визби, скоро вкопани во карпата врз која е изградена куќата.

Втората катна висина е главниот станбен простор. Тука е сместена т.н. куќа – просторија со огниште каде се подготвува храна. Кај постарите куќи, таа го заземала скоро целиот простор, додека кај поновите, постојат повеќе одаи. Третата катна висина е резервирана за спиење. Некои куќи имаат итн. шарена одаја, која служела за прием на гости. Спратовите најчесто имаат централно поставени ходници – гизентии. Некои од куќите имаат и параклис – мала просторија со икони, која служела за молење, што всушност претставува еден вид на домашна капела.

Галичката носија, особено „женската галичка носија“, е една од најпознатите во Македонија. Се одликува со невообичаено богатство на детали. Исклучително е слична со другите мијачки носии од реканскиот крај (Лазарополе, Тресонче, Сушица, Гари итн.). Во женската носија кои преовладуваат белата боја (накај жолта) и црвената боја. Белите клашнени облеки, украсени со црни гајтани, се главни одлики на „машката мијачка носија“. Ова е условено од климатските и стопанските услови во кои тие живееле (живеат) како сточари во планинските предели на планината Бистра, Стогово, Крчин и Кораб.

Репортажата е во рамките на проектот„Промоција на органско производство на храна, развој на руралниот и фармерскиот туризам и едукација за намалување на употребата на пестициди” финансиран од Министерството за Животна средина и просторно планирање на РСМ
