Методите на органско одгледување имаат за цел да ги користат природните супстанции и процеси на поодржлив начин од конвенционалните. Стратегијата на ЕУ, „Од нива до маса“, постави цел до 2030 година најмалку 25 отсто од земјоделското земјиште да се користи за ваков вид производство.
Според најновите податоци објавени од Европскиот завод за статистика Eurostat, во 2020 година, површината што се користи за овој вид земјоделско производство во рамките на ЕУ изнесувала 14,7 милиони хектари, што претставува просечно 9,1 отсто од вкупната земјоделска површина. Таа бројка, се разбира, варира од држава до држава.

Така, најголемо учество на органските во вкупно искористените земјоделски површини има во Австрија (25,7 отсто), Естонија (22,4 отсто) и Шведска (20,3 отсто). Наспрема тоа, под пет проценти под органски поврешини е забележано во осум земји членки на ЕУ, со најниски удели во Ирска (1,7 проценти) и Малта (0,6 проценти).
Речиси три петини (58,7 отсто) од таквите области се лоцирани во четири земји членки на ЕУ: Франција (17,1 отсто), Шпанија (16,6 отсто), Италија (14,2 отсто) и Германија (10,8 отсто).
Површината што се користи за одгледување на еко-свеж зеленчук во ЕУ изнесува 219 илјади хектари, што е еквивалентно на 0,1 отсто од целокупното земјиште што се користи за земјоделско производство. Околу една десетина (10,5 проценти) од земјиштето што се користи за производство на свеж зеленчук во ЕУ е органско производство.
Луксембург, Данска и Австрија имаат значително поголем удел во овој вид земјоделство во рамки на вкупната површина за одгледување зеленчук.

Што се однесува до житните култури, во 2020 година органските култури се одгледувале на 2,4 милиони хектари, што е еквивалентно на 1,5 отсто од сите површини кои се користат за земјоделско производство. Органските култури се одгледуваат на околу 4,6 отсто од вкупното земјиште за житни култури, а на врвот се Австрија, Естонија и Шведска.
