Групите за земјоделие и за продажба на домашни производи се преплавени со огласи во кои се нудат кајсии, јаболка, краставици, домати и други производи директно од нива. Се нудат набрани производи, но и има и такви огласи каде што се повикуваат заинтересираните да си берат сами, а производите ќе им бидат продадени по пониска цена отколку на пазар или во маркет.
„Продаваме домашен јабучар во село Кадино, го береме пред вас, по цена од 100 денари за еден килограм“, „Кој сака да набере кајсии за 40 денари по килограм“….. Ова се само дел од огласите на кои наидовме, но еден особено привлекува внимание, се продава целиот род од домати и пиперки насадени на 6 декари.
„Пиперки 3,5 декари, домати 2,5 декари натоварени со род – дали има некој што сака да си ги бере за цена од 2.500 евра? Еве, домат сигурно има 10 тона, пиперки 6 до 7 тони, капка спроведена. Се наоѓа во село Кукуричани“, пишува во огласот, објави Слободен печат.
Барем според коментарите, ќе се најде некој што ќе го собере за оваа цена. Но, има и многу што велат дека е жално да се вложи толкав труд, да се стигне до берба и да се даде за оваа цена плодот. Математиката покажува дека овој производител ги дава пиперките и доматите под 10 денари за килограм, што е три до четири пати поевтино отколку да се продаде наголемо набрана пиперка или домат.
Земјоделците сè погласно зборуваат дека не може да најдат работници за берба, но и дека наемните работници се скапи и не се вклопуваат во крајната продажна цена.
Националната земјоделска мрежа го смета проблемот со работната рака, како еден од најголемите со кои се соочуваат земјоделците.
– Покрај сите тешкотии со кои се соочуваат производителите, можеби еден од најголемите проблеми е оној со сезонската работна рака, пред сè поради ниските откупни цена на земјоделските производи, кои се околу или под производствената цена. Во однос на работната рака се јавува голем недостиг и затоа нејзината цена расте. Во моментов се движи од 300 до 400 денари за работен час. Како Национална земјоделска мрежа немаме ништо против оваа цена да им биде исплатена на сезонските работници, но постои ограничување на нашите можности поради откупната цена. Дополнителен проблем создава и новиот Закон за работно ангажирање на лица, со кој сезонските работници треба да бидат задолжително осигурени. Така се доведовме до апсурдна ситуација да не можеме дополнително да ангажираме работници за да се завршат сите земјоделски работи – објаснува за „Слободен печат“ Ѓорѓи Каракашев, претседател на Национална мрежа на земјоделци.
