Вредноста на земјоделското земјиште зависи од многу фактори – без оглед дали се работи за национално земјиште, за кое се потребни законски одредби, регионално земјиште, кое зависи од климата, но и од мрежното покривање, и локалното земјиште за кое е важен квалитетот на почвата, нејзиниот вид и сл. Доказ за тоа се големите разлики во цените меѓу земјите членки на Европската Унија, но исто така и во различни области во поедини земји.
Според последните податоци на Европското биро за статистика (Евростат) за 2019 година, во просек води Холандија, каде што цената на еден хектар изнесува 69.632 евра. Но, кога станува збор за регионите, двојно повисока е цената на шпанските Канарски Острови, која изнесува неверојатни 133.863 евра по хектар.

За да се добие вистинска слика за разликите во вредноста на овој ресурс, треба да се напомене дека просекот на Шпанија е десет пати помал и изнесува 12.926 евра/ха.
Од друга страна, обработливото земјиште било најевтино во Естонија, каде што еден хектар чинел просечно 3.461 евра, а кога станува збор за регионално ниво, на самиот север на Шведска, во Авр Норланд, вреди само 1.624 евра.

Цените на земјиштето растат
Според податоците на Евростат, најголем пораст на цените на земјоделското земјиште во периодот од 2011 до 2018 година е забележан во Чешка за нешто повеќе од четири пати, во Литванија (тројно зголемување) и во Унгарија и Полска (двете држави забележаа двојно зголемување на цените). Исто така, видливо е дека цените во 2019 година, во споредба со претходната година, во повеќето земји на ЕУ – пораснале.
Кога станува збор за наем на земјиште, во 2018 година најскапо било во Италија со просек од 1.332 евра по хектар, исто така, највисок регионален просек во Ломбардија (1.954 евра годишно).

Од друга страна, најевтино било земјиштето за наем во Словачка, само 54 евра од хектар годишно, и регионално во шведските провинции Мелерста Норланд и Авр Норланд, за двојно помалку, 27 евра/ха.
Гледајќи ги земјите од ЕУ во непосредна близина, најскапа е Италија со своите 34.156 евра во просек, додека во регионот Венето е 59.714 евра. Словенија е повеќе од двојно поевтина со просечна цена од 18.752 евра, додека во Унгарија е на ниво од 4.862 евра или 5.629 во провинцијата Јужни низини, која граничи со Србија. Во Бугарија е околу 5.382 евра, во Романија 5.339 евра, а најповолен е нејзиниот североисточен дел и изнесува 4,036 евра по хектар.
Во Хрватска, според Евростат, просекот во 2019 година бил 3.395 евра. Во јадранскиот дел изнесувал 4.978 евра, а во континенталниот дел за 1.655 евра помалку, или 3.323 евра/ха.
Во Србија цените на земјоделското земјиште исто така постојано се во благ пораст. Според податоците на српската локална геодетска управа, во IV квартал од 2020 година, се забележани помали осцилации на просечната цена во областите Северен Банат и Јужен Банат. Најскапото земјоделско земјиште е во Јужнобачкиот округ (од 2.000 до дури 31.000 евра по хектар), додека најевтино е во регионот на Јужна и Источна Србија (од 250 до 20.400 евра по хектар). Највисоки цени има во Војводина, додека во остатокот од Србија цените паѓаат.

Кога станува збор за Босна и Херцеговина, земјоделското земјиште, ливадите и имотите имале стабилна цена во периодот од 2012 до 2016 година. Со проширување на инвеститорите од арапските земји (Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, ОАЕ), цените на земјиштето пораснале на некои локации и повеќе од 100 проценти. Иако побарувачката за недвижнини, земјиште, овоштарници и други опаднале во последните години, цените останале исти.
Податоците од извештајот на Федералната управа за геодетски и имотно-правни работи покажуваат дека просечната цена на земјоделското земјиште на ниво на Федерацијата БиХ е 1,3 €/м2, односно дури и 13.000 евра по хектар, иако многумина овие податоци ќе ги прогласат за неверодостојни, бидејќи се засноваат на неажурни информации.
Дури во истиот документ се оградуваат со објаснување дека „пазарот на земјиште во Федерацијата БиХ не е регулиран и во договорите често се наведува дека станува збор за трговија на еден вид под-пазар на земјиште, додека во реалноста е продаден друг вид.“
Значи, методологијата за статистичка обработка на податоците не е конзистентна. На пример, се случува при купување и продавање во БиХ, земјиштето да се третира како земјоделско, иако во моментот на продажбата имало градежна намена и цена.
Извор: agroklub.com