Производството на тутун, според изјавите на земјоделците последниве години се покажува како исплатлив бизнис. Добрата откупна цена, високите субвенции и механизираната работа им помогна на земјоделците во производство на оваа трудоинтензивна култура и тие конечно можат да кажат дека е мачен тутунот но има сигурност и се исплати.

Бајрам Лековиќ од велешко Оризари, заедно со неговата сопруга и синот лани имале насадено 5 декари со тутун, а за годинава веќе се подготвени леите за 1 ха под оваа култура.
-Јас садам на сушни ниви, не го полевам тутунот и лани од 5 декари извадив 1 620 килограми, што за сушна година како ланската со 40 степени температура, беше рекорд – вели Лековиќ.

Тој е задоволен од откупот и цената и кажува дека добро е ова производство особено последниве две години и така треба да продолжи. Затоа годинава планира да ги зголеми површините под тутун.

-Годинава планирам на 1 ха да насадам тутун, а она што е карактеристично за мене е што секогаш прв ги сеам леите, прв расадувам и берам. Лани на 14 април го насадив на нива, а почнавме да береме на 25 мај. Така е и годинава, леите се подготвени и се надеваме на успешна нова реколта 2025 – вели за Агротим, Лековиќ.

На фамилијата Лековиќ, и на сите вредни тутунопроизводители им посакуваме успешна реколта 2025 и висока откупна цена за да им се исплати производството. За субвенциите ќе се погрижи државата.
