Владата ја донесе програмата за финансиска поддршка на земјоделството според која за насади со лешници и бадеми се предвидени субвенции во висина од 12 000 денари по хектар.
На намалените субвенции од минатата година, реагираат производителите на бадем и лешник нагласувајќи дека ова е погрешна одлука која негативно ќе влијаа врз развојот на ова производство на државно ниво.
– Со намалување на субвенциите очекуваме земјоделците да бидат демотивирани да ги одржуваат насадите и да подигаат нови. Во голем дел од регионите земјоделците користат земја која е под закуп па сега со субвенциите нема да бидат во можност ни да си ја платат закупнината, бидејќи субвенциите до сега беа некоја сигурност, каква и да е годината, закупот ќе се плати. Нема да се изгуби инвестицијата. На пример во Валандово цена за закуп по хектар е 22.000 денари, а субвенции за бадем се 12.000 денари. Дополнително на тоа се зголемените цени за заштита на насадите и плати за вработени. во последните неколку години некулку кратно. Исто така голем проблем е и зголемувањето на цената на водата која во некој региони каде што ја има е 7 пати зголемена – изјави Горан Балески – претседател на „Прва Органска Задруга“.
На ист став се и производителите од Задругата Еко лешник кои потенцираат дека освен што се извезува бадемот и лешникот како јатки, на странските пазари се извезуваат и преработки односно готов производ со додадена вредност.
-Бадемот и Лешникот се важни за нашата земја бидејќи голем дел се извезува на странски пазари како Австрија и Швајцарија каде извезуваме јатка и преработки што значи готов производ и зголемена вработливост, односно готови производи со додадена вредност – путери од лешник, путери од бадем, пакувани вакумирани производи и така натаму. По начинот на одгледување и трошоците по хектар за одгледување и профитабилноста бадемот и лешникот треба да се во групата со кајсија, вишна и круша кои се субвенционираат со 34 000 денари од хектар – децидни се производителите.


Во Македонија моментално има 2 255 хектари лешник со просечна берба од 2 до 4 тони коска по хектар и цена од 180-190 денари зависно од квалитерт, 576 хектари бадем со просечна берба од 1.5 до 2.5 тони коска по хектар и просечна цена од 130 до 160 денари.
Намалувањето на висината на субвенциите, според овоштарите директно ќе влијае на развојот на оваа гранка што е крајно негативно за вкупното домашно производство на бадем и лешник, извозот и остварувањето на девизен прилив за државата.